Македонија
Николовски на средба со Јурова: Со мерките против корупцијата ја носиме Европа дома
 
																								
												
												
											Во рамките на работната посета на Брисел, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, денеска одржа состанок со потпретседателката на Европската комисија надлежна за вредности и транспарентност, Вера Јурова.
Како што информираат од владината прес-служба, акцент на состанокот бил ставен на мерките од владиниот план за борба против корупцијата, кои се однесуваат на зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите, како еден од клучните механизми за борба против корупцијата.
Николовски ги презентирал мерките што се реализираат, како што се воведувањето интерни процедури за јавни набавки од страна на институциите, подготовка на годишни антикорупциски програми, исполнување на препораките од ГРЕКО, новиот поприменлив Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции, одлуките за ограничување на службените трошоци на функционерите за угостителски услуги за работни состаноци и за користење на службените возила, како и другите мерки од планот.
Од страна на потпретседателката Јурова била упатена поддршка за имплементација на мерките, а таа посочила и дека стојат на располагање за користење на искуствата од земјите членки на ЕУ во делот на транспарентноста и владеењето на правото.
„Северна Македонија континуирано вложува огромни напори во европеизацијата на институциите, со планот за борба против корупција ги имплементираме европските стандарди и вредности, ја носиме Европа дома“, порачал на средбата Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Делови од Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја
 
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот корисниците од бул. Борис Трајковски бр.1 (Пеглата) влез 2 (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од Новоселски Пат, како и објектите на Стокомак, КАМ Маркет, бензинската пумпа ОКТА и објектите во нивна близина. (општина Ѓорче Петров)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Леринска, лоцирани во околината на бр. 3. (општина Карпош)
Македонија
Без вода дел од Чаир
 
														Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка од ф – 150 мм на раскрсница меѓу улиците Челопек и бр. 157 без вода ќе останат корисниците од улиците Челопек и бр. 157, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди
 
														Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со краткотрајни сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 4, а максималната ќе достигне од 17 до 20 степени.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
За време на викендот времето ќе биде стабилно и суво, а во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник кон крајот на денот, најпрвин во западните делови, а во вторник и среда насекаде ќе има врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											