Македонија
Австрискиот министер Линхарт на Османи му изрази силна поддршка за европските интеграции

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска му беше домаќин на австрискиот министер за европски и меѓународни работи, Михаeл Линхарт.
Линхарт во рамки на посетата ја реафирмирал силната и конзистентна австриска поддршка на европските интеграции на нашата земја.
„Во Република Северна Македонија и во нашето европско досие лежи клучот за деблокирање на целиот регион бидејќи по редот на нештата оттука треба да отпочне деблокадата, преку почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова ќе ги охрабри и другите држави од регионот, да ги затворат отворените прашања, а со интенција целиот регион да се движи во европски правец“, истакна Османи по средбата.
Како што информираат од МНР, посетата на министерот Линхарт имала и силна економска компонента со оглед на фактот дека тој бил придружуван и од економска и бизнис-делегација.
Австрија претставува еден од најголемите инвеститори во земјава, а географската близина, комплементарноста на двете економии, но пред сè одличните политички односи создаваат потенцијал за уште поинтензивна економска соработка.
За време на посетата бил одржан и бизнис-настан со цел натамошно унапредување на трговската соработка и искористување на инвестициските можности и презентација на програмата „Re Focus Austria“, која има за цел промоција на австриските компании во повеќе области, особено во областа на обновлива енергија, дигиталната економија и инфраструктура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини, од Здравство велат дека е во стабилна состојба

Министерството за здравство со вознемиреност ја прими веста за вооружениот напад во Куманово при кој беше повреден нашиот колега, доктор Зекирија Шаини. Ја известуваме јавноста дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува, соошштија од Министерството за здравство.
Од таму велат дека ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација.
„Министерството категорично осудува било какво насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет. Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти. Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот“, велат од таму.
Од Министерството повикуваат на воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот и неговото семејство.
„Министерството ќе ја следи состојбата на доктор Шаини и навремено ќе информира за сите значајни промени“, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски: Вооружениот инцидент во Куманово е најсериозен инцидент во пресрет на локалните избори

Последниот вооружен инцидент во Куманово е најсериозен инциден во пресрет на локалните избори кој внесува сериозна загриженост за јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните, велат од СДСМ. Од партијата бараат оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Се случува тотален распад на безбедносниот систем и фијаско на министерот Панче Тошковски. СДСМ бара од надлежните институци веднаш да го растчистат случајот и да ја информираат јавноста. Бараме и политичка одговорност од Панче Тошковски. Ова што се случува во континуитет е за секаква осуда и недозволиво. Македонските улици се претворија во Див Запад. Престрелките се секојдневие, граѓаните не се чувствуваат безбедни“, велат од СДСМ.
СДСМ предупредува дека вакви инциденти не се изолирани и ја покажуваат, како што велат, целосната неспособност на Тошковски и ДПМНЕ.
„Партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ, харањето по партиски штабов и злоупотребата на БЈБ се на директна штета на безбедноста на граѓаните. Тоа ги охрабрува криминалните структури. Уште колку луѓе треба да настрадаат, уште колку луѓе треба да бидат убиени за Тошковски конено да си поднесе оставка? Оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради очигледниот системски колапс на јавната безбедност и недоволна превенција на насилни инциденти мора да има“, велат од СДСМ.