Македонија
Мицкоски: Верувам дека земјите членки на ЕУ овој пат ќе ја вразумат Бугарија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска истакна дека големо ќе биде разочарувањето кај народот ако и во декември нема датум, но тој е оптимист и верува дека ЕУ ќе се спротивстави на, како што рече, бугарските хегемонистички барања.
„Јас сум оптимист за декември и сакам да се случи датумот, овој народ го заслужува тој почеток на преговори. Не е прашање дали Димитров ќе ги брои неделите или месеците кога ќе се случи тој датум, во Брисел треба да се состане Европскиот совет, да заборави на уцените кои доаѓаат од нашиот источен сосед и иднината што треба заеднички да ја градиме во Европа да ја градиме, а не да се враќаме два века наназад“, изјави Мицкоски.
Тој потенцираше дека бугарските барања не се европски вредности и верува дека сите земји членки на ЕУ овој пат ќе ја вразумат Бугарија и ќе ги промовираат, како што кажа, вистинските европски вредности.
„Тоа се вредности на обединета и подеднакво развиена Европа. Ќе застанат на патот на овие хегемонистички барања на нашиот источен сосед и на овој народ во срцето на Балканот ќе му дадат можност да преговара и да може еден ден да седне на иста маса со нив и да ги дели тие исти вредности. Тоа што ние го бараме е да ни се почитува правото да можеме да преговараме и да бидеме дел од Унијата затоа што ги споделуваме вредностите“, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: СДСМ имаат слоган со кој велат се бориме за домот, на кој дом мислат на Халкидики или во Дубаи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од денешниот народен митинг во Маврово-Ростуше, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!
Мицкоски зборуваше за политичките опоненти за локалните избори кои се ближат и истакна дека коалицијата СДСМ, ДУИ, Левица ги врзува желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ тврдат дека се борат за нивниот дом, според нивниот слоган за изборната кампања, но не се знае за кој точно дом зборуваат дали оној на Халкидики ли оној во Дубаи, додека ДУИ зборува за теми од пред неколку децении, наместо за иднината. На овие избори имаме две опции. Секој кој што мисли дека има трета опција се лаже. Нема трета опција. Едната опција се една коалиција. која што во некои од општините делува формално, односно јасно е профилирана, во некои од општините е полуилегална или би рекол неформална. А, во некои од општините делува повеќе стихидно. Но, во суштина, се заедно и нив ги поврзаа две работи на овие локални избори“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, опозициските СДСМ, ДУИ и Левица, на овие избори ги врзува желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ.
,,Нив ги поврза најпрво желбата за власт, силна желба за власт и втората работа е голема омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се двете работи коишто коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица ги собра заедно да ни бидат противници на овие политички локални избори“, истакна Мицкоски.
Мицкоски истакна дека политичката партија СДСМ, имала можност 7 години да се бори за нивниот дом, како што вели и нивниот слоган за изборната кампања за локалните избори годинава, но освен жестоки грабежи и предавства, како што рече, ништо друго не испорачале додека биле власт.
,,Оваа коалиција, ако се вратиме назад имаше можности. Еден субјект во оваа коалиција тоа е да настапува со слоганот “Да се бореле за домот“. Тие имаа 7 години можности да се борат за својот дом, наречен нашата татковина Македонија. Освен жесток грабеж, предавство и понижување на македонскиот народ, на граѓаните во Македонија, на Македонија како држава буквално ништо друго, ниту испорачаа, ниту направија“, кажа Мицкоски и додаде:
,,Затоа сега се прашуваме, на кој дом мислат, дали мислат можеби на онаа вила на егејското крајбрежје, на Халкидики, дали мислат на хациендата во Дубаи, или пак мислат на оние скапи глисери коишто ги видовме летоска како уживаат, во еден раскошен елемент. Граѓаните се збунети. И не знаат сега конкретно за кој дом зборуваат. Секоја нивна порака е порака исполнета со лага, порака исполнета со невистина, порака исполнета со црна кампања, ад хоминем напади, ниски страсти. Така впрочем тие ја водат целата кампања“.
Мицкоски рече дека лидерот на ДУИ имал повеќе од две децении можност да направи било што за граѓаните, и според Мицкоски, тој не успеал да испорача ништо освен да придонесе за иселување на граѓаните од земјата.
,,Тој имаше повеќе од две децении можност да направи, за граѓаните, но и еве и за народот албанскиот народ којшто го гласа најчесто него и неговата политичка партија. А што направи за возврат. Пред очи гледаше како се празнат селата, тоа е веќе стара вест, сега се празнат градовите. Повеќе од 100-тина илјади негови граѓани се иселија. Залудни се хациендите во Зајас, залудни се замоците во Зајас. Затоа што соседите ги нема“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Утре променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини, од Здравство велат дека е во стабилна состојба

Министерството за здравство со вознемиреност ја прими веста за вооружениот напад во Куманово при кој беше повреден нашиот колега, доктор Зекирија Шаини. Ја известуваме јавноста дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува, соошштија од Министерството за здравство.
Од таму велат дека ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација.
„Министерството категорично осудува било какво насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет. Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со здравствените установи и локалните власти. Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот“, велат од таму.
Од Министерството повикуваат на воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот и неговото семејство.
„Министерството ќе ја следи состојбата на доктор Шаини и навремено ќе информира за сите значајни промени“, се наведува во соопштението.