Македонија
Арсовски: МВР излажа дека не се крадело струја – ЕВН вели дека нема посебни броила во ГТЦ
„Три дена молчат и директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски и претседателот на бордот на директори Трајанка Тасевска, која инаку е сопругата на директорот на БЈБ при МВР.
Во сред ГТЦ во подрумите позади мене се копало криптовалути нелегално неколку години откако е СДСМ дојден на власт, се копало со крадена струја, а МВР не сака да преземе никаква одговорност и ги штити криминалците.
Зошто МВР пред три дена ја повлече полицијата да не ја изврши својата работа?
Дали затоа што ургирала сопругата на директорот на БЈБ Сашо Тасевски или, пак, затоа што ургирал коалицискиот партнер на Зоран Заев, за кого се смета дека е сопственик на машините за копање криптовалути, а тоа е семејството Бајрам?
Како и да е, МВР има двојни аршини за криминалот.
Оливер Спасовски и МВР ги штитат овие луѓе, кои имаат украдено струја преку ГТЦ во вредност од стотици илјади, а можеби и милиони евра.
Замислете, МВР излезе и кажа дека не се крадело струја и при тоа разговарале со ЕВН, од каде им потврдиле, а од ЕВН, пак, велат дека таму немаат дополнителни броила и практично потенцираа дека МВР со нивната изјава во јавност лажат и со тоа уште еднаш го штитат криминалот.
Да резимираме, директорите на ГТЦ, коалицискиот партнер на Заев, семејството Бајрам, и МВР се соучесници во овој сериозен криминал кој тежи стотици илјади евра украдена струја. А нормално мора да е одобрен од Зоран Заев.
Сите треба да одговараат кривично, бидејќи 3 години штителе криминал и крадење струја, бидејќи и самите тие се соучесници во овој случај.
Молчењето на МВР, Ѓоко Трајчевски и Трајанка Тасевска е доволна потврда дека се замешани во сериозен криминал и се фатени живи.
Одговорност, но и надомест на штета мора да има“.
Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

