Економија
Центар за стручно образование и обука за зелени иновации ќе се отвори во Скопје до крајот на годината

До крајот на годината, во рамките на проектот GREENOVET, ќе биде отворен регионален Центар за стручно образование и обука за зелени иновации што ќе биде единствен од ваков вид во регионот, а кој се формира со тесна соработка меѓу бизнис секторот, истражувачите од универзитетските институции и центри, како и стручните училиштата. Паралелно со центарот во Скопје се отвораат и центри во регионите: Штаерска – Австрија, Васа – Финска и во Лерија – Португалија.
Партнерите во проектот ја одржаa втората работилница на која се дискутираше за стратегијата за идниот регионален центар за стручно образование и обука. Проектот Greenovet – European VET Excellence Platform for Green Innovation во чии рамки се формираат овие центри, обединува партнери од четири држави во областа на стручното образование и обука на различни нивоа, локалните претпријатија, секторските здруженија, локалните власти, невладиниот сектор. Проектот ќе го поттикне развојот на стручното образование и обука во областа на зелените иновации низ Европа, со што ќе придонесе за развој на иновативна, инклузивна и одржлива економија.
Во нашата земја носители на проектот се Машински факултет при Универзитот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, заедно со Сојуз на стопански комори, АСУЦ „Боро Петрушевски, Раде Кончар ТЕП и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.
„Четирите центри ќе бидат формирани во исто време до крајот на оваа година. Иако овие центри имаат иста цел сепак ќе се имаат посебни стратегии за функционирање бидејќи секоја држава има свои специфики. Но, во секој случај предност на оваа соработка е тоа што имаме интересни и добри искуства кои може да ги размениме со партнерите од другите држави.“, истакна доц. д-р Трајче Велковски од Машинскиот факултет.
Во истражувањето кое беше направено на почетокот на 2021 година во рамките на проектот се детектираат компетенции кои се потребни за развој на зелените иновации. Во групата на најрелеватни вештини кои треба да се развиваат за развој на зелени иновации се дигитални вештини, претприемачки вештини и циркуларна економија, заштита на околината, етичко однесување, превземање на иницијативи, критичко размислување, економска писменост.
Со стратегијата за центрите ќе треба да се воспостави систем за надминување на најголемиот предизвик кој сега постои, а тоа е воспоставување на линк меѓу индустријата и образовните институции.
Недостигот на стручен и квалификуван кадар е голем предизвик со кој се соочува бизнис секторот, не само кај нас туку и пошироко во Европа, бидејќи стручните училишта не се доволно атрактивни за привлекување на поголем број на ученици, и бараат поддршка во следењето на брзорастечките потреби на бизнисите кои динамично се менуваат и прошируваат. Потресот кој го наметна здравствено-економската криза предизвикана од појава и ширење на вирусот Ковид-19 наметна уште поголема потреба за брза адаптација, согласно нови потреби и барања на индустриски и пазарни трендови, а потребата од заштита на животната средина се наметнува како неопходен сегмент кој ќе овозможи раст, развој и одржливост.
Регионалниот Центар за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации ќе нуди различни услуги за различни целни групи од регионот, како: високообразовни институции, понудувачи на стручно образование и обука, индустрии/компании, јавни власти, студенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Халкбанк со намалени тарифи, повеќе придобивки за граѓаните и компаниите

Халкбанк АД Скопје донесе одлука за намалување на дел од своите тарифи, во согласност со променетиот тарифен модел на Народната банка на Република Северна Македонија. Со оваа одлука значително се намалуваат надоместоците за услугите за граѓаните и компаниите, при што клиентите ќе добиваат уште поповолни услови за извршување на финансиските трансакции.
И досега, Халкбанк во многу сегменти нудеше атрактивни услови во однос на тарифите. Така, проверката на состојбата на било која картичка на банкомат била и е бесплатна, а сите приматели на плата или пензија преку Халкбанк со својата мастеркард дебит картичка можат да подигнуваат готовина на банкомати на било која банка во Македонија без провизија. Бесплатно е и повлекувањето готовина од платежна сметка во девизи.
Со новите промени, електронските интерни налози за физички лица отсега наместо 5 денари, ќе бидат бесплатни. Истовремено, цената на електронски, брзи меѓубанкарски плаќања (МИПС) за физички лица, се намалува од 100 на 50 денари, а кај хартиените МИПС налози преку шалтер на банката, новата цена е 80 денари по налог, односно, во овој дел извршено е намалување за 60% од досегашната тарифа.
И за правните лица цената кај електронските, интерни налози се намалува од 11 на 7 денари, како и кај електронските МИПС плаќања од 100 на 80 денари, во зависност од износот. Направена е измена и кај хартиените МИПС налози за правни лица, каде новата цена сега изнесува 200 денари т.е. направено е намалување за 33% од досегашната цена за овие трансфери.
Овие промени ќе имаат директна корист за сите клиенти, особено за оние кои активно користат дигитални канали и електронски плаќања.
Истовремено, на сила остануваат сите поволности кои досега Банката ги нудеше на своите клиенти.
Халкбанк на клиентите им нуди и посебни пакети во рамките на кои се добиваат низа поволности и намалени тарифи. За младите до 24 години е наменет HalkEz пакетот со кој се добива бесплатна трансакциска сметка, мобилно банкарство, картичка и други поволности. За пензионерите, освен што се врши редовна и навремена исплата на пензијата, креиран е и специјален Пакет за пензионери кој е со бројни бенефиции – достапни услуги, бесплатни трансакции и поддршка при секојдневните банкарски потреби. А за оние кои ја примаат својата плата или пензија преку Халкбанк, наменет е и Смарт пакетот кој претставува комплетно банкарско решение кое ги обединува најчесто користените услуги во еден економичен месечен пакет. Тука се вклучени водењето на трансакциска сметка, дебитна картичка, мобилното и електронско банкарство, електронските налози, месечните известувања и подигнување готовина од сите банкомати во земјата. А пакетот нуди и подарок ORYХ Home Аssistance – без надоместок во промотивниот.
Дополнително, од 7 октомври Халкбанк ќе започне со извршување на прекугранични трансфери кон СЕПА (Single Euro Payments Area) системот. Во СЕПА регионот, кој опфаќа 41 земја членка и повеќе од 4.000 учесници, на сите клиенти – физички и правни лица – ќе им биде овозможено да извршуваат и примаат плаќања во евра под исти услови и со иста ефикасност како во рамките на националните граници.
Со ваквите чекори, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата стратегија да биде банка која ги поддржува граѓаните и компаниите со поповолни услови, современи дигитални решенија и интегрираност во европските платежни стандарди.
ПР
Економија
Мицкоски: Цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемена за 30%

Цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемена за 30% или 10 пати повеќе отколку импутот, изјави денес премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
„Во рамките на земјоделството се случува еден параметар кој што е многу значаен за економијата, за граѓаните, но и за земјоделците бидејќи трошоците при импутот, односно оние трошоци кои што им се потребни на земјоделците за да произведат се зголемуваат за од прилика 10 пати помалку, отколку цената по која што тие ги продаваат производите“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека трошоците на земјоделците за производ на одреден земјоделски производ се зголемени за нешто над 3%, а цената на производот со која го продаваат е зголемен за нешто повеќе од 30%.
„Да бидам попрецизен, импутот, односно оние трошоци кои што ги имаат земјоделците за да произведат одреден земјоделски производ се зголемени за од прилика 3%, нешто над 3%, а цената на производот која што тие ја продаваат е зголемена за повеќе од 30%, затоа велиме импутот е од прилика нешто над 3% зголемен, а додека пак аутпутот, цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемен за 30% или 10 повеќе отколку импутот, и тоа е добро, повеќе пари кај земјоделците, тоа значи поголем развој кај земјоделството, повеќе храна, помалку увоз“, појасни премиерот Христијан Мицкоски и додаде:
„Тоа беше еден од нашите врвни приоритети и во таа насока ќе продолжиме како Влада да се движиме“, додаде премиерот.
Економија
Божиновска – Колумбија: Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работен состанок со Рита Колумбија, Постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.
На средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на соработката во областа на обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, поддршка на ранливите категории и развој на иницијативи за климатски промени и животна средина.
Една од клучните теми беше поддршката од Обединетите нации за организацијата на 14-тиот Интернационален форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), којшто во организација на Министерството за енергетика ќе се одржи од 28-30 октомври 2025 година во Скопје, Република Северна Македонија. Рита Колумбија ја потврди подготвеноста Обединетите нации да помогнат за учество на релевантни говорници на високо ниво, што ќе ја зголеми значајноста и ефектот од форумот.
„Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики и за обезбедување конкретна корист за граѓаните. Со поддршката на ОН за нашиот форум ќе можеме да обезбедиме експерти и релевантни говорници кои ќе ја кренат дискусијата на високо ниво.“ истакна министерката Сања Божиновска.
На средбата беше дискутирано и за можностите за продлабочување на соработката околу Зелениот финансиски инструмент, воведување на државни обврзници врзани со одржливост и поддршка на енергетските заедници, со цел обезбедување на поинклузивни и одржливи решенија за граѓаните.