Македонија
Бугарското обвинителството ги презеде материјалите од Македонија за истрагата за автобуската несреќа
Македонското државното јавно обвинителство денеска ги предаде на бугарското обвинителство материјалите поврзани со истрагата и со идентификацијата на жртвите во тешката автобуска несреќа во Бугарија.
Утринава бил сослушан и сопственикот на превозната фирма „Беса Транс“ и тој е достапен за македонските истражни органи, соопштија од македонското и од бугарското обвинителство. Дали за него ќе следува мерка притвор, ќе одлучува надлежниот јавен обвинител.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека на бугарските колеги им се предадени ДНК профилите на роднините на несреќно загинатите патници во несреќата, записници од осум сослушани сведоци, предметот оформен во Министерството за транспорт и врски за лиценцата на превозникот „Беса Транс“ и целокупната документација за автобусот со кое располага македонското Министерство за внатрешни работи.
„За потребите на обвинителството на Бугарија и на обвинителството на Северна Македонија се продолжува со сослушување и на други лица. Наидовме на целосно разбирање од обвинителството од Бугарија и од утре двајца експерти од Институтот за судска медицина заминуваат во Софија за забрзување на постапката на идентификација на настрадануте“, изјави Јовевски.
На прес-конференцијата присуствуваа и Бисер Јорданов Михајлов, заменик окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник и Младен Христов Петров, истражител во Националната истражна служба на Република Бугарија. Тие изразија сочувство до семејствата за трагичната несреќа и изјавија дека координацијата меѓу македонските и бугарските истражни власти е на исклучително високо ниво.
„Ова е страшна несреќа што се сличи, и ве убедувам дека координацијата меѓу двете држави е на високо ниво и откако се случи сообраќајната несреќа институциите постојано работат на расчистување на случајот. Продолжуваме со истата активност и бидејќи се работи за обемна документација, не може се уште да се кажат точните причини за несреќата“, изјави Јорданов Михајлов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.