Македонија
Имаме мнозинство и очекуваме дополнително да се зголеми, рече Османи
Има мнозинство во парламентот кое очекуваме дополнително да се зголеми, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција за буџетот.
„Можам да потврдам дека има мнозинство, очекуваме со овие разговори ова мнозинство дополнително да се зголеми и да да биде стабилно за да може во наредните месеци и години да се продолжи со овие сериозни активности на Владата“, изјави Османи.
Министерот не даде конкретен одговор кој е тој 61 пратеник за кој СДСМ вели дека го има како владејачко мнозинство и дали можеби станува збор за пратеник од редовите на Алијанса за Албанците.
За преговорите со Алтернатива, Османи рече дека тие разговори се заеднички помеѓу сите коалициски партнери, меѓутоа, во име на сите нив и со заедничка координација ги води премиерот Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре до сабота претежно облачно и врнежливо
Под влијание на циклонска активност од утре (26.11.2015г) до сабота (29.11.2025г) ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на утрешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Во Скопје, до сабота времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината повремено врнежите ќе бидат пообилни и се очекува да наврнат над 15 l/m2 за 24 часа.
Македонија
Мицкоски: 6.045 пристигнати апликации, најголем интерес за искористување на мерката за самовработување
Како Влада, силно веруваме дека економијата расте тогаш кога граѓаните имаат поддршка да создаваат, да иновираат и да стануваат претприемачи, затоа мерката за самовработување, како дел од Оперативниот план, е една од најатрактивните и најуспешните програми во државата, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Оваа година го имаме најголемиот интерес досега – стигнаа вкупно нешто повеќе од 6.000 апликации, што е силен индикатор дека граѓаните имаат желба, знаење и самодоверба да изградат сопствен бизнис, а државата им стои зад грб со конкретна и рекордна финансиска поддршка. До овој момент се издадени 2.916 ваучери за изработка на бизнис план, а оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност.
Во моментот 2.545 лица веќе се во процес на потпишување договори за грант, по што ќе следи дводневната обука што им помага посигурно да тргнат во претприемачките води“, информира Мицкоски.
Од вкупно 6.045 апликации, 3.296, како што рече, се од млади лица под 29 години.
„Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО. Ова не се само бројки – ова се нови бизниси што ќе отворат нови занаетчиски работилници, ИТ-стартапи, услуги, производствени мали фирми, нови можности за развој и зајакнување на целата економија. Мерката за самовработување е дел од Оперативниот план за 2025 година кој тежи над 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година и претставува рекорден износ на поддршка. Со овој план во 2025 ќе бидат опфатени 16.507 лица – најголем опфат досега, што е јасен доказ дека државата инвестира во најголемата сила што ја има, а тоа се граѓаните“.
Министерството за економија и труд заедно со Агенцијата за вработување предложиле ревизија на Планот, при што се прераспределени дополнителни 300 милиони денари, кажа Мицкоски.
„Со тоа се додадоа уште 161 милион денари обезбедени преку ребалансот на Буџетот, само со една цел: ниту еден потенцијален претприемач да не остане без шанса“.
Оваа мерка како што оценува Мицкоски е силен инструмент во стратешката борба против невработеноста.
„Наместо пасивни мерки и чекање на пригодни околности, ние ја менуваме филозофијата – од држава која само обезбедува социјална поддршка, се претвораме во држава која создава можности, охрабрува личен напредок, поттикнува храброст и им дава на луѓето алатки за да станат самостојни.
Самовработувањето создава работни места таму каде што нема големи фабрики, отвора перспективи во руралните средини, ги активира младите, ги зајакнува жените претприемачи и им овозможува на секој со добра идеја да ја претвори во успешна економска приказна“.
Македонија
(Видео) Радеска: Породилното доцни и по 30 дена
Владата на Христијан Мицкоски ги остави мајките и новороденчињата без основната сигурност што им следува по закон. Породилниот надомест доцни по 20 дена, а има мајки кои чекаат и повеќе од 30 дена. И замислете, Фондот ова го признава и вели дека тоа било во ред. Понижувачки и нечовечки е да се дозволи мајките да се јавуваат и да молат за исплати и да немаат пари за пелени и млеко, изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.
Според неа, никогаш досега немало вакво доцнење.
„Нема ништо нормално во тоа семејства што живеат само од породилното да останат без денар затоа што ДПМНЕ не си ја врши работата. Вистината е дека никогаш во минатото не се случило вакво доцнење. Ниту во време на светска економска криза ниту кога имаше хакерски напади на Фондот. Ова не се случило под ниту една друга влада. Ова е директен резултат на неспособност и на расипнички приоритети на Мицкоски и неговиот другар Клековски“, рече Радеска.
Таа го праша Мицкоски зошто нема пари за мајките и бебињата, а има за луксузни автомобили, скапи мебели и тендери кај блиски фирми?
„СДСМ бара Фондот веднаш да ги исплати сите заостанати породилни надоместоци без одложување. Бараме фиксен датум на исплата секој месец, како што со право бараат мајките. Бараме Владата јавно да ја објави состојбата со Фондот и да каже каде завршиле парите што треба да бидат исплатени на секоја мајка во оваа држава. Дали е точно дека сите доцнења се заради неликвидноста на буџетот“, праша таа.

