Свет
СЗО со конкретно соопштение: Mожни се сериозни последици од новооткриената варијанта омикрон

Ризикот од новооткриената варијанта на коронавирусот т.н. омикрон е висок, објави Светската здравствена организација (СЗО).
Во своето утринско соопштение, СЗО дава некои насоки за земјите членки во врска со појавата на новиот вид. СЗО вели дека постои голема веројатност за понатамошно ширење низ светот.
Исто така, организацијата предупредува дека во зависност од карактеристиките на оваа варијанта, кои сè уште се истражуваат, може да има сериозни последици.
„Омикрон има невиден број мутации на шилестиот протеин, од кои некои се загрижувачки поради нивното потенцијално влијание врз текот на пандемијата“, соопшти СЗО, додавајќи дека веројатноста за потенцијално натамошно ширење е висока на глобално ниво.
СЗО, исто така, предупреди дека во зависност од карактеристиките на оваа варијанта, може да се појават дополнителни бранови на инфекцијата со Ковид-19, што може да имаат сериозни последици.
На државите им се препорачува да ги приспособат меѓународните мерки за патување, со напомена дека наскоро ќе бидат издадени дополнителни упатства.
Светската здравствена организација предупредува дека постои загриженост за можноста омикрон да го избегне стекнатиот имунитет.
„Со оглед на мутациите кои можат да го избегнат стекнатиот имунитет и евентуалното повисоко ниво на преносливост, постои голема веројатност за понатамошно ширење на омикрон на глобално ниво. Во зависност од овие карактеристики, може да се случат идни бранови на Ковид-19, што може да има сериозни последици. Проценуваме дека севкупниот глобален ризик поврзан со новиот вид на Ковид-19 е многу висок“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран и Израел наскоро ќе постигнат мировен договор, објави американскиот претседател Доналд Трамп

Иран и Израел наскоро ќе постигнат мировен договор, објави американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
– Иран и Израел треба да постигнат договор – и ќе постигнат. Исто како што успеав Индија и Пакистан да постигнат договор, напиша Трамп.
Тој додава дека во моментов се одржуваат многу разговори и состаноци.
– Наскоро ќе имаме МИР меѓу Израел и Иран! Работам напорно и никогаш не ги добивам заслугите, но тоа е во ред, луѓето разбираат. Да го направиме блискиот Исток повторно голем“, нагласува Трамп.
Свет
Ердоган повика на итно запирање на конфликтот меѓу Израел и Иран

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп, и повикал на „итна акција“ за да се спречи конфликтот меѓу Израел и Иран да го запали целиот регион.
– Претседателот Ердоган ја поздрави денешната изјава на претседателот Трамп за решавање на конфликтот меѓу Израел и Иран и ја нагласи потребата од итно дејствување за да се спречи катастрофа што би можела да го запали целиот регион, се вели во соопштението од кабинетот на турскиот претседател.
За време на телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, втор во последните 24 часа, „претседателот Ердоган потврди дека спиралата на насилство предизвикана од израелските напади врз Иран предизвика непоправлива економска и цивилна штета на двете страни и дека оваа опасна ескалација треба да се запре“, се додава во соопштението.
Ердоган, исто така, му соопштил на Трамп дека може да ја преземе улогата на медијатор за решавање на конфликтот, откако претходно и рускиот претседател Владимир Путин изрази потготвеност за посредување меѓу Израел и Иран.
Свет
Иран попладнево започна нов бран ракетни напади врз цели во Израел

Иран попладнево започна нов бран ракетни напади врз цели во Израел, објави иранската новинска агенција Фарс. Во Тел Авив и други локации во централен Израел се објавени тревоги, а сирените се огласија и на северот од земјата.
Израелското Министерство за национална безбедност ги повика граѓаните да останат блиску до засолништата и бункерите.
Секое движење на јавни места треба да се сведе на минимум и да се избегнуваат јавни собири. Овие наредби ќе останат во сила додека не се објави ново известување, соопштија израелските власти.
Ова е прв пат од почетокот на конфликтот Иран да изврши дневен напад врз Израел. Досега сите напади беа изведувани во текот на ноќта