Култура
„Злосторникот“ на авторот Даниел Петровски на сцената во Дом на АРМ

Вчера во Дом на АРМ беше поставена театарската претставата „Злосторникот“ од автор и режија Даниел Петровски.
Публиката за миг се наврати на времето од Втората светска војна, кога Ромите беа затворени и измачувани во логорите Јасеновац и Аушвиц.
Во претставата учествуваа вкупно 14 актери, меѓу кои и овогодишниот лауреат и голема звезда на македонскиот филм Северџан Бајрам.
Иако претставата разработувала тематика од пред 80 години, сепак, режисерот поставил театарски симболи користејќи ја практиката на Брехт и Станиславки, за сегашната ситуација во која се наоѓа ромската заедница.
Актерите пренесоа силна порака за единство и сплотеност на заедницата во борбата против дискриминацијата и антициганизмот.
Претставата е продуцирана од Асоцијација Романо Ило со соработка со Н.У. Филмски центар Вардар филм, а во покровителство на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на дуо „Гелебешеви“ во Камерната сала на Филхармонија

Пијано дуо „Гелебешеви“, в четврток со почеток во 20 часот ќе настапат во Камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата се дела од Супе, Вагнер, Росини, Рахмањинов и Шостакович.
Во сферата на камерното музицирање, пијано – дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето делување во 2001 година, се наметнува како ансамбл со исклучително високо профилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера во С. Македонија и на бројни интернационални подиуми ширум светот.
Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Костадиновска -Гелебешева и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разновидни уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина – Пијано- дуо „Гелебешеви“ е препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за изразито талентирани и врвно подготвени уметници што со своите инспиративни интерпретации умеат да го задржат вниманието и на најпребирливата публика.
Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахмањинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век.
Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија.
Дуото „Гелебешеви“ претставува реномиран камерен ансамбл во Р. Северна Македонија што континуирано настапува во градовите низ земјата и на сите најзначајни фестивали во сферата на класичната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“…
Од 2005 година со настапот на Светскиот ден на музката во Париз, пијано – дуото „Гелебешеви“ ја започнува својата интернационална кариера. Низ годините што следат, се редат успешни концертни турнеи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција.
За својата плодна концертна дејност пијано – дуото „Гелебешеви“ е добитник на највисокото признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, наградата „Златна лира“ во 2012 година.
Имаат и соработка со повеќе медиумски куќи во Македонија и во странство и две ЦД изданија. Концертните остварувања на пијано дуото „Гелебешеви“ покрај афирмативните реакции на публиката, наидуваат и на одлични согледувања во стручните рецензии на музичката критика :
„…Високиот степен на техничката подготвеност, во спрега со уметничката емоционалност на двајцата пијанисти, претставува еден буен и чист звучен пејзаж, кој патува низ еден музички космос во кој нештата се идеално подредени…“ муз. рецензент Васка Наумова – Томовска. „….Игрив шарм, испреплетен со брзина, деликатна точност, перкусивна брилијантност, импресивен сонорен, лебдечки звук, со прецизно формирани мелодиски линии…“ муз. рецензент Јулијана Папзова. „… дуото „Гелебешеви“ се наметнува со неколку важни компоненти во музицирањето – бистрина и подвижност на пијанистичката техника како и исклучително прецизна артикулација во музичките фрази од познатите арии на Росини, што на моменти звукот на пијаното го претвора во реални вокални линии…“ муз. рецензент Викица Костоска – Пенева.
Култура
Националната опера и балет ја отвора сезоната со едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела – „Реквием“ од Моцарт

Националната опера и балет ќе ја отвори новата сезона 2025/2026 со едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика – „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт на 3 октомври со почеток во 20.00 часот.
Под диригентската палка на истакнатиот италијански диригент, Џанлука Мартиненги, македонската публика ќе има можност да присуствува на извонредна изведба на дело што ја отсликува генијалноста, длабочината и духовната сила на Моцарт.
Во солистичката постава ќе настапат: Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас). Заедно со оркестарот и хорот на Националната опера и балет тие ќе создадат незаборавно музичко доживување кое ќе го означи почетокот на новата сезона.
„Реквием“ е последното и недовршено дело на Моцарт, создадено во последните месеци од неговиот живот и обвиено со мистерија и легенди. Делото претставува музичка исповед, исполнета со драматични контрасти – од тивките молитвени моменти до експлозивните хорски сцени. Неговата длабока емоционалност и духовност ја водат публиката од болка и тага кон надеж и вечност.
Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина.
Култура
Филмовите на Манчевски во Индија, Париз и Хрватска

Три филмови на нашиот најтрофеен режисер Милчо Манчевски, деновиве имаат проекции на разни меридијани.
Најпрвин „Кајмак“ беше прикажан во Калкута, Индија, на 9 септември, како дел од Европскиот филмски фестивал. „Прашина“ се прикажува овој месец и идниот месец во повеќе градови низ Хрватска во организација на македонската Кинотека. „Пред дождот“ ќе биде прикажан во Париз на Универзитетот Сорбона Нувел во соработка со Астер фестивалот на 3 октомври.
Сите три филмови се македонски копродукции („Пред дождот“ со Велика Британија и Франција, „Прашина“ со Велика Британија, Германија и Италија, а „Кајмак“ со Данска, Холандија, Хрватска и Албанија).
Главните улоги во „Пред дождот“ (1994) ги играат Раде Шербеџија, Катрин Картлиџ, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Петар Мирчевски и Љупчо Бреслиски, во „Прашина“ (2001) Дејвид Венам, Џозеф Фајнс, Роузмари Марфи, Адриан Лестер, Владо Јовановски и Николина Кујача, а во „Кајмак“ (2022) Сара Климоска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Александар Микиќ и Филип Трајковиќ.
Сите три филмови се досега дистрибуирани во повеќе земји низ светот и се дел од наставните програми на повеќе светски универзитети.