Македонија
Средба на министерот Спасовски со италијанската министерка за внатрешни работи Ламорџезе
Соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Италијанската Република е на високо професионално ниво, со брза, калитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија и оваа соработка постојано се подобрува и се одвива во духот на традиционалните пријателски односи меѓу двете земји, потенцираа на денешната средба во Скопје министрите Оливер Спасовски и Лучана Ламорџезе.
Министерот Спасовски ѝ се заблагодари на министерката Ламорџезе и за нејзиното учество на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа во рамките на претседавањето на Република Северна Македонија.
Досегашната соработка помеѓу двете полиции се одвива во повеќе области, како што се унапредувањето и поддршката преку разни видови едукација, обуки, студиски посети и работилници, потоа координација на проекти финансирани од ЕУ за поддршка и развој на институционалните капацитети во борбата против организираниот криминал и корупцијата, оперативната соработка во областите на недозволена трговија со дрога, тероризмот, радикалниот екстремизам, финансиски криминал и корупција, корупција во спортот, илегалната миграција, недозволената трговија со културни добра итн.
Министерот Спасовски потенцира дека една од клучните активности во борбата против актуелните безбедносни предизвици претставува напредокот во реализирање на меѓународната соработка и зголемената размена на информации, која покрај преку веќе воспоставените канали за размена на информации, како што се Европол, Интерпол…, е овозможена и преку членување во меѓународните организации, иницијативи, договори, конвенции… Поддршката од страна на италијанските институции, рече Спасовски, и понатаму ќе биде од големо значење, особено во полето на борбата против организираниот криминал и корупцијата, кои се врвен стратешки приоритет на владите од земјите на Западен Балкан.
Министерката Ламорџезе изрази подготвеност за дополнително продлабочување на соработката, а ја потенцира и поддршката што Италија ѝ ја дава на Република Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ. Во склоп на поддршката за Република Северна Македонија е и донацијата од 250.380 вакцини на „Фајзер“, кои ќе бидат донирани од Италија. Министерката Ламорџезе го покани министерот Спасовски да го посети Рим и во таа пригода да биде потпишан меморандумот за соработка во борбата против трговија со дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски избран за потпретседател на ЗЕЛС
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на конститутивната седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) едногласно е избран за нов потпретседател на организацијата.
Герасимовски се заблагодари на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба и ја потврди својата заложба функцијата да ја извршува во интерес на граѓаните.
„Очекувам новиот состав на ЗЕЛС да биде на висина на својата задача и да воспоставиме конструктивна и конкретна меѓуопштинска соработка, без политизација и со целосна посветеност на граѓаните. Во следните четири години пред нас е сериозна задача: зајакнување на процесот на децентрализација, поголема фискална самостојност и пошироки ингеренции, со една единствена цел, да обезбедиме подобри проекти и услуги во нашите општини“, рече Герасимовски.
На седницата за претседател на ЗЕЛС е реизбран градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, а покрај Герасимовски за потпретседател е избран и Изет Меџити.
Делегатите дискутираа за предлог-стратегијата на ЗЕЛС за 2026–2030 година, како и за актуелните предизвици во локалната власт, со цел унапредување на работењето на општините и зајакнување на соработката меѓу локалните самоуправи.
Македонија
СДСМ: Уште еден доказ, Мицкоски го зеде судството во свои раце па се фали со добиени пресуди
Христијан Мицкоски го зеде судството и обвинителството во свои раце па сега се фали со добиени судски пресуди против СДСМ, реагираат од опозициската партија.
„Па нормално дека Мицкоски добил пресуда. Но баш чудно, зошто токму денес го објавува овој голем „успех“ на судството на Мицкоски? Токму кога најавивме иницијатива до Уставниот суд за неуставната Резолуција со која сакаат да ја замолчат опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари! Дали и во Уставниот суд Мицкоски планира да прави притисок за да одлучува „брзо“ за иницијативата на СДСМ? СДСМ нема да дозволи задушување на демократијата и слободата на медиуми. Со сите демократски механизми ќе се бориме за Макеоднија дури и пред меѓународните институции“, пишува во реакцијата на СДСМ, по објавата на пресуда од Апелациониот суд од страна на Мицкоски.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски реизбран за претседател на ЗЕЛС
Со едногласна одлука на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски повторно ја доби довербата да ја извршува функцијата претседател на ЗЕЛС. За потпретседатели се избрани Изет Меџити и Горан Герасимовски.
„Уверен сум дека пред нас е успешен мандат кој ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на децентрализацијата“, рече Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека ЗЕЛС претставува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичка, етничка или верска припадност.
„Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026-2030 година, јасно ги дефинираме приоритетите и подготвено настапуваме во дијалогот со централната власт. Во изминатиот период активно учествувавме во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што беше прифатено и нашето долгогодишно барање за воспоставување општинска комунална полиција“, рече тој.
Ѓорѓиевски најави дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините.
„Ќе продолжиме со лобирање за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги. Пред нас стојат уште многу важни прашања, но уверен сум дека со заеднички пристап и јасна визија ќе постигнеме конкретни резултати“, рече тој.

