Македонија
Заев – Ламорџезе: Почетокот на преговорите е значаен и за Северна Македонија и за ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Лучана Ламорџезе, министерка за внатрешни работи на Италијанската Република.
На состанокот се потврдени добрите односи помеѓу двете земји во областа на образованието, економијата, културата, одбраната и науката и е констатирано нивно унапредување, со најавеното потпишување на антидрога-меморандумот за разбирање, што ќе придонесе во зајакнувањето на заедничката борба против криминалот и корупцијата.
Поздравени се направените реформи во оваа област во нашата држава, со кои се смета дека се зголемени капацитетите на органите за справување со криминал и корупција.
Оценето е дека ги има предусловите да се продолжи на патот кон ЕУ, како и дека е ова стратешки значајно од безбедносен и економски аспект.
Во таа насока пренесена е силна поддршка од Италија за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија и уверување дека Италијанската Република ќе продолжи со заложбите за успех на овој процес, кој се цени дека е важно да биде почнат, како за земјата така и за државите членки на ЕУ.
Премиерот Заев се заблагодари за големото пријателство помеѓу двете држави.
„Италијанската Република е стратешки сојузник и партнер во евро-атлантските процеси на нашата земја, но и голем пријател, што се покажува преку споделената солидарност секогаш кога е тоа потребно, каков што е примерот со вакцините за време на пандемијата.
Преку потпишувањето на антидрога-меморандумот ќе ја унапредиме заедничката борба против криминалот и корупцијата кон што сме силно определени. А со унапредувањето на институционалната соработка меѓу државите отвораме пат и за унапредување на добрата економска соработка, што е од значење за граѓаните и за бизнисите“, рече премиерот Заев.
На средбата беа споделени искуства за подигнувањето на јавната свест за значењето на вакцинацијата, како и за почитувањето на мерките за заштита во услови на пандемија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

