Македонија
Mицкоски: Заев на заминување е подготвен да потпише нов договор со Бугарија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава по средбата што ја оствари заедно со градоначалникот на Прилеп, со Регионалната стопанска комора, одговарајќи на прашање за тоа дали ќе поддржи евентуален договор што би го потпишал Заев со Бугарија, рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да почитува едностран договор на штета на македонскиот народ потпишан од Влада што е без кредибилитет.
„Информациите што ги добиваме се навистина алармантни. Зоран Заев на заминување е подготвен да потпише нов договор иако нè убедуваше дека ги решил сите прашања со нашите соседи, во кој делумно или целосно ќе ја прифати резолуцијата освоена од бугарскиот парламент. Тоа претставува комплетно асимилирање на македонскиот народ и директен удар врз идентитетот на македонскиот народ. Бидејќи е на заминување, загрижен сум дека може да го направи овој потег на самото заминување, а последиците понатаму сите ние да ги плаќаме“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да разговара со секого за сè она што нуди прогрес и иднина и дека нема да прифаќа никакви уцени.
„Подготвени сме со секого да разговараме за она што е пред нас, а не за тоа што е зад нас. Да разговараме за добро образование, да разговараме за туризам, да разговараме за инфраструктурно поврзување, да разговараме за сето она што нуди прогрес и нуди иднина. Да не се враќаме во минатото затоа што тоа се теми што се болни на Балканот и нема да прифатиме никакви уцени и ќе ги повикаме нашите пријатели во Брисел да нè поддржат бидејќи ние сме луѓе што сакаат да споделуваат европски вредности за иднината, а не за минатото“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство

Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
„Во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, информира дека министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки. Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.
НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.
Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.
Фото: фејсбук
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески

Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање. Криминалот на ДУИ и неадекватното работење прави штета по државата секој ден. Јавното обвинителство мора да постапи и отвори истрага. Очекуваме одговорност за штетата“, велат од партијата.
Од таму изразија надеж дека Министерството за култура ќе направи се да ја поправи штетата направена од ДУИ и ќе ја обнови куќата на Владо Малески.
Македонија
Мицкоски на средбата со фон дер Лајен: Државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност

Денес во просториите на Владата, премиерот, Христијан Мицкоски, имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја.
Мицкоски информира дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Посочив дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, вели Мицкоски.
Според него, посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.