Македонија
ФИТР со демант на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ
Фондот за новации и технолошки развој ги демантира обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната прес конференција портпролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски изјави дека ФИТР доделува пари на луѓе блиски на владејачката партија.
“Жално е што опозицијата, наместо да ги мотивира младите да отворат успешни стартапи и да ги реализираат своите соништа, вметнува политика во сфера која е комплетно ослободена од политичките влијанија. Јавниот повик „Стартапувај 3“ е наменет за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф, кои според законот се компании не постари од 6 години. Поддршката преку овој повик е наменета на проекти кои имаат најмалку „потврден концепт“ (proof of concept) и јасна амбиција за комерцијализација, како и проекти кои се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза”, истакнуваат од ФИТР.
Од ФИТР додаваат дека тие се единствената институција во државата која го мониторира секое евро инвестирано во секоја компанија. Процесот на мониторинг го водат дури 5 интернационални компании. Како што повеќе пати сме информирале, никој од вработените на ФИТР не учествува во процесот на селекција на компаниите кои ќе добијат финансиски средства.
Сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од 3 стручни лица. Секоја компанија која ќе има над 51 поен, поминува во финална селекција а финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од 5 светски експерти. Марвин Лиао, Претседателот на КОИ е поранешен директор на Јаху а и самиот има инвестирано во над 400 стартапи, се наведува во демантот на ФИТР.
ФИТР е единствена институција во државата која има сертификат ISO: 31007 за борба против корупција.
“Со новата бројка од 70 стартапи одобрени преку инструментот „Стартапувај 3“, бројката на поддржани стартапи во целокупното портфолио на ФИТР достигна 393 компании со заеднички инвестиции од дури 32 милиони евра. Според анализите кои ги направивме, кај стартапите во период од една година пред користење на финансиите, до 2 години по нивното искористување, просечните приходи имаат раст од 197%. Во истата временска рамка просечните расходи се имаат зголемено за 220%.”, велат од ФИТР.
Од фондот додаваат дека наспроти лагите и манипулациите на опозицијата, сите анализи покажуваат дека политиките на ФИТР се ефикасни. Според резултатите добиени од импaкт евалуацијата на Фајнанс Тинк која вели дека од вкупно 12 индикатори за ефикасноста на државната помош, ФИТР има ефикасна поддршка во 7 индикатори, и тоа: врз продажбата, технологијата, продуктивноста, профитот на компаниите, паричната ликвидност и пазарниот удел.
Според истражувањето на Стартап Македонија, дури 70% од македонските стартапи се финансирани од ФИТР а ФИТР е клучна институција за финансиска поддршка во экосистемой. Финансиите на ФИТР се инвестираат на вистинско место во компаниите со најголем бизнес потенциал, се вели во демантот на ФИТР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

