Македонија
Николовски: Со платформата за интероперабилност не може да се чуваат и кријат предмети во фиоки
Реализацијата на мерките од планот за борба против корупцијата е во напредна фаза, веќе се работи на нови системски мерки, кои ќе бидат имплементирани во новиот план за борба против корупцијата, порача на денешниот брифинг со новинарите заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Вицепремиерот Николовски посочи дека интензивно се работи на измени и дополнувања на потребните закони за дигитализација на процесите за од 1 јули 2022 години овој процес да биде комплетиран и да се применува. Користењето на платформата за интероперабилност значи дека институциите ќе ги разменуваат сите информации и документи по електронски пат.
„Тоа значи дека не може да се чуваат и кријат предмети во фиоки на институциите што имаат истражни дејства, нема да чекаат со месеци за одредени дописи од друга институција сѐ со цел да се забрзаат постапките. Првите шест закони од МВР, а кои се клучни оти таму се законите за лични карти, живеалишта и други, се веќе во собраниска процедура, а уште 129 закони Владата ги разгледа, тие се изготвени и ќе го поминат владиниот филтер и на тоа се надополнуваат законите во делот на правосудството. Со тоа ќе имаме над 250 закони што ќе стапат во сила на 1 јули 2022, со што веќе го имаме правниот дел закоружен. Се надевам дека сите политички фактори ќе дадат максимална поддршка и нема да има кочници за овој најсериозен процес преку кој граѓаните ќе може електронски, дигитално, да ги добиваат услугите и сите сервиси“, рече вицепремиерот Николовски.
На брифингот вицепремиерот Николовски потенцира дека веќе се ставени во функција системот за е-инспектор, како и системот за поднесување претставки за непостапувања по предмети. Подготвена е нацрт-верзијата на предлог-законот за потекло на имот и донесена е стратегија за зајакнување на капацитетите на институциите за водење финансиски истраги и конфискација на имот. Воедно, во согласност со планот за борба против корупцијата се намалува бројот на членови на управни и надзорни одбори во јавни претпријатија и јавни установи, се зајакнуваат капацитетите на јавните обвинителства, се ставаат во функција истражните центри, во функција е одлуката за ограничување угостителски услуги за работни состаноци на функционерите и за ограничување користење на службените возила, а институциите назначуваат лица за внатрешно пријавување, објавуваат антикорупциски програми, интерни процедури за јавни набавки.
Воедно, Николовски потенцира дека се работи и на нови системски мерки, кои ќе бидат дел од новиот план за борба против корупцијата, како што е регистарот на цени на стоки и услуги.
Во напредна фаза е подготовката на модулите за спецификација на стоки и услуги за техничките документации, очекувам кон средината на месецот да бидат усвоени техничките спецификации, кои ќе бидат унифицирани за сите институции. Една од клучните мерки е подготовката на регистар на цени на стоки и услуги, кој ќе биде воспоставен во првата половина на 2022 година. Заедно со модулите на техничките спецификации и регистарот на цени на стоки и услуги ќе биде сериозно ограничување на можостите за корупција при јавните набавки. Тие претставуваат една сериозна контрола, отвореност, транспарентност и институциите ќе мораат да ги користат овие цени што ќе ги има во самиот регистар и кои постојано ќе се обновуваат“, рече вицепремирот Николовски.
Како дел од новите мерки, вицепремиерот Николовски го посочи воведувањето аудио и видеонадзор за начинот на преземање на службените дејства од страна на царинските службеници, даночните инспектори и даночните контролори, како и проектот Mystery shopper, кој практично значи теренска проверка на институции за утврдување на неажурно, неефикасно и потенцијално коруптивно однесување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

