Македонија
Центарот за лица со попреченост во Берово ќе биде реконструиран со донација од Кина
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, и амбасадорот на НР Кина, Жанг Зуо, денеска го посети Дневниот центар за лица со попреченост во Берово, кој ќе биде реконструиран и дополнително опремен со донација на НР Кина.
Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија донира 1.540.000 денари за зајакнување на услугите на Дневниот центар за деца и лица со попреченост, што функционира при Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Берово и ја покрива и соседната општина Пехчево.
Донацијата ќе биде искористена за опремување и за помали реконструктивни зафати во просториите на дневниот центар. Предвидено е да се опремат кабинет за физикална и хидротерапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Дневниот центар веќе располага со потребниот стручен кадар вклучувајќи специјализиран кинезитерапевт, специјален едукатор/рехабилитатор, социјален работник, физиотерапевт и медицински сестри.
„Воспоставувањето разни и индивидуални социјални услуги на локално ниво е еден од приоритетите на Mинистерството за труд и социјална политика. Тие имаат цел зајакнување на корисниците и унапредување на нивниот личен развој“, оцени министерката Шахпаска.
Таа се заблагодари на поддршката на НР Кина, но и на сопругата на претседателот Ѓоргиевска, која беше вклучена во процесот на избор на Дневниот центар за деца и лица со попреченост како институција за која ќе биде наменета донацијата.
Во евиденцијата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Берово фигурираат околу 300 деца и лица со различен тип на попреченост, кои би биле можни корисници на идните нови услуги на дневниот центар – рехабилитациски и физиотерапевтски услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

