Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на борба против корупцијата

Само со заедничка акција на институциите и со поддршка од јавноста борбата против корупцијата ќе има ефект! Ова е пораката од конференцијата што се одржа денес, по повод одбележувањето на 9 Декември – Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата. Конференцијата која се одржа под мотото „Избери вистински правец – избери интегритет!“ е во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Во рамките на конференцијата Државна комисија за спречување на корупцијата ги акцентираше досега реализираните активности. Зголемен број на предмети, дигитализација за поголема ефикасност, анализа за проценка на ризиците од корупцијата во повеќе области и интензивирање на соработката со повеќе институции се главните области на кои ДКСК работеше фокусирано во текот на годината. За унапредување на борбата против корупцијата и судирот на интересите, ДКСК минатата година за првпат изготви и анализа за дискреционите овластувања во повеќе сектори.
„И покрај напорите за подобрување на состојбите, корупцијата е сè уште голем проблем во нашето општество, за што се потребни системска акција, поголемо вклучување на граѓаните и подигнување на свеста на јавноста за тоа дека корупцијата не смее да се толерира и не смее да биде неказнива. Повеќе од јасно е дека корупцијата влијае на развојот на земјата, а истовремено ја зголемува и недовербата кон институциите. Преку корупцијата јавните ресурси се пренасочуваат во џебовите на корумпираните поединци наместо на потребните инвестиции во интерес на сите граѓани со кои ќе се подигне квалитетот на животот. Затоа апелирам до сите институции да се вклучат и да ја зголемат ефикасноста во борбата против корупцијата“, истакна Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Во текот на 2021 година Комисијата, покрај другите активности, отвори 788 предмети, меѓу кои и за високи функционери.
На конференцијата се обрати и г. Џулијан Васало, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава, кој порача: „Корупцијата ја поткопува демократијата и владеењето на правото, односно основата на европските општества. Ја продлабочува нееднаквоста и ја поткопува социјалната кохезија. Ги засега сите области на животот. Борбата против корупцијата е од суштинско значење за ЕУ и е во сржта на процесот на проширување. Европската комисија ја поздравува проактивноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и остварениот напредок. Но сепак потребно е уште повеќе. Напорите треба да бидат бескомпромисни и постојани. Треба да имаат за цел остварување на структурни и општествени промени, кои треба да се одржат со текот на времето. Исто така не смее да има враќање назад. Европската Унија и понатаму активно ќе ја поддржува борбата против корупцијата, преку техничка и финансиска поддршка, како и преку споделување на најдобри практики.“
На конференцијата се обрати и Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО. Мрчела, честитајќи го Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата, се осврна на процесот на имплементирање на препораките на ГРЕКО во земјава.
„Борбата со корупцијата останува да биде еден од приоритетите во општествата, но и во политичката агенда. За да имаме напредок неопходен е поголем ангажман на институциите за имплементација на препораките од ГРЕКО, а не само нивно прифаќање. Корупцијата не заобиколува ниту една држава, но наша заедничка заложба е да ја сведеме на минимум, а наспроти тоа да го зајакнеме почитувањето на човековите права и слободи. Во таа насока важна е да се обезбеди поголема заштита на укажувачите, кои се клучни во овој процес, како и стратешки и организиран пристап во борбата против корупцијата со заедничка поддршка на сите институции. Но, не помалку важно е паралелно да се работи на поголема едукација на јавноста и подигнување на свеста, за да се поттикне што поширока акција против корупцијата“, истакна господинот Мрчела.
За важноста на соработката помеѓу институциите, но и за јакнењето на нивната ефикасност и интегритет во заедничката систематска борба против корупцијата, на конференцијата говореа и заменик-претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, господин Горан Мисовски, министерот за информатичка технологија, господин Јетон Шаќири, претставници на институции, како Државниот завод за ревизија, Народниот правобранител и други.
Конференцијата за одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација”, кој е финансиран од ЕУ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопјани со денови се трујат, горењето на Дрисла е сериозна опасност за уште поголема катастрофа, велат од СДСМ

„Пожарот во Дрисла се уште не е изгаснат, власта со денови не може да се справи додека скопјани се трујат. Ова е крајно неодговорно кон граѓаните, кон најважното-здравјето и претставува сериозна закана за уште поголема катастрофа, поради тоа што постои опасност пожарот да дојде до метанот кој се наоѓа под слоевите земја и да настане и експлозија“, велат од СДСМ.
„Страшно е ова што се случува, скопјани се трујат од отровен чад и канцерогени честички поради горење на депониите Дрисла и Вардариште.
Виновници за труењето на скопјани се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои 4 години не мрднаа со прст, не ги исолнија ветувањата и не го решија проблемот. Депониите се симбол на нивната неспособност и криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници пред 4 години ветуваа „затворање на Вардариште, намалување на стакленички гасови, покривање и озеленување“.
Тимчо Муцунски ветуваше „дислокација на претоварната депонија Вардариште“. Мицкоски и Арсовска ветуваа „зелена зона Вардариште“ со спортско-рекреативни терени на канцерогеното земјиште. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше „фабрика за селекција на отпад“ во Дрисла.
Ништо од ова не е реализирано. Скопје и натаму е задушено, Вардариште и Дрисла горат, а воздухот повторно е отров за граѓаните.
Мицкоски ги слуша гласовите на мајките кои ги затвораат прозорците за да ги заштитат децата од чадот, гледа како скопјани се гушат во облаци канцерогени честички, гледа телевизиски прилози со чадови од Дрисла и Вардариште, и пак не презема ништо.
Иако е претседател на ЗЕЛС, ниту Орце Ѓорѓиевски не направи ништо. Наместо решенија, се крие од граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ и нивната неспособна власт ја претворија метрополата во еколошка бомба.
Скопјани паметат, скопјани знаат и ќе ги казнат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на локалните избори“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Се уште има чадење од Дрисла, но во помал обем, дивата депонија Вардариште е целосно изгасната, вели Ангелов

Чадењето од депонијата Дрисла е се уште присутно, но во многу помал обем и не е причина за маглата, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој извести дека во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата Дрисла од кој имаше чадење.
„Денес затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејки вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка“, кажа Ангелов.
Директорот на ДЗС информираше дека дивата депонија „Вардариште“ е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење.
Ангелов најави прес-конференција за денеска, на која ќе излезе со дополнителни информации за сите досега преземени активности, вклучително и оние кои се преземаат во текот на денешниот ден.
Македонија
„ЕВН е должна по автоматизам да врши корекција на паушалните сметки“, велат од ИНРМ

„Секое домаќинство има право на автоматска исправка на фактурите еднаш на три месеци – алармирани се институциите да го натераат ЕВН да го практикува законот“, велат од ИНРМ.
„Инженери на Република Македонија (ИНРМ) алармираат дека досегашната пракса на ЕВН Хоум за издавање на паушални фактури и префрлање на целата разлика во еден месец е спротивна на Законот за енергетика и предизвикува неправедни, зголемени сметки за граѓаните.
Во месеците јуни и јули на поголем број на домаќинствата им се испорачуваа пониски сметки врз основа на проценета потрошувачка, а во август, по извршеното отчитување и порамнување, целата разлика беше префрлена во еден трисетдневен пресметковен период. На тој начин, потрошувачката во висока тарифа се пресмета во повисоките тарифни блокови, што резултираше со значително поголеми износи на фактурите.
Поради тоа e поднесена претставка до Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за енергетика и ЕВН, како и барање за инспекциски надзор до надлежните инспекторати, со цел институциите да преземат мерки во рамките на своите надлежности. ИНРМ инсистира на доследна примена на член 185 став (2) од Законот за енергетика, кој обврзува снабдувачот по автоматизам да издава коригирани фактури еднаш на три месеци, кога сметките се изготвени врз основа на проценета потрошувачка.
Во моментов, граѓаните можат да добијат исправка на ваквите фактури само ако индивидуално поднесат приговор, што е спротивно на законот. На овој начин потрошувачите се ставаат во нерамноправна положба и трпат финансиска штета. Ако оваа пракса продолжи, во грејната сезона домаќинствата ќе се соочат со значителни и неоправдани трошоци.
ИНРМ ја информира јавноста дека додека не се воспостави автоматска корекција на фактурите во согласност со законот, граѓаните имаат право да поднесат приговор до ЕВН на [email protected] и да побараат издавање на коригирана фактура. За полесно утврдување на евентуалната штета, може да се искористи едноставниот калкулатор преку кој секое домаќинство може да провери дали е оштетено со паушалното фактурирање за период од три месеци.
Законите ги штитат правата на потрошувачите, само е потребна нивна доследна примена“, се додава во соопштението на ИНРМ.