Македонија
Втор ден од работната посета на Берлин – Димитров на средби со високи претставници на ЕУ и Германија
На вториот ден од работната посета на Берлин, утрово, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, оствари средби со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино, и со државниот секретар во германското МНР, Мигуел Бергер.
Средбата со генералниот секретар Санино се одржа на маргините на годишната конференција на советот ECFR, во кој членуваат и двајцата соговорници. На состанокот беше разговарано за политиката на проширување како најважната алатка на надворешното дејствување на ЕУ и македонското евроинтегративно досие како клучно за кредибилитетот на Унијата.
Генералниот секретар Санино истакна дека најважниот чекор напред во политиката на проширување е почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Овие теми беа разговарани и на средбата со државниот секретар Мигуел Бергер, на која беше реафирмирана цврстата германска поддршка за европската интеграција на Северна Македонија.
Димитров: „Европската перспектива е лепилото што ги соединува прогресивните сили во регионот. Обновувањето на довербата во политиката на проширување е можно само преку успех во македонското европско досие“.
Државниот секретар Бергер нагласи дека Германија ќе продолжи интензивно да работи на ова прашање што е наведено како приоритет и во коалицискиот договор на новата влада.
На маргините на годишната конференција на ECFR, Димитров имаше средба и со новоназначениот, иден претседавач со Минхенската безбедносна конференција, германскиот дипломат Кристоф Хојсген, кој ќе го наследи амбасадорот Ишингер.
Димитров и Хојсген разговараа за проширувањето на ЕУ низ призмата на обезбедување стабилност и сигурност. Во тој контекст претседавачот Хојсген ја истакна важноста на преспанскиот договор како еден од столбовите на регионалната безбедност и соработка на Западен Балкан и пошироко.
Работната посета на Берлин ќе биде заокружена со првата средба со новоименуваната министерка за Европа, Ана Лирман, и состанок во берлинската канцеларија на тинктенкот Европска иницијатива за стабилност (ESI).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

