Македонија
(Видео) Стоилковски: Директорот на „Водовод“ за 9 месеци потрошил 22.000 евра на кафе и кафеани

Душко Весковски, директорот на ЈП „Водовод“, од парите на претпријатието за девет месеци на кафе и кафеани има потрошено 1.323.419 денари, речиси 22 илјади евра, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„На кафе и кафеани само во ресторани Душко Весковски има потрошено 17 илјади евра. Толку пари од ЈП ‘Водовод’ се потрошени за репрезентација според извештајот што беше презентиран пред јавноста на седницата на Советот на Град Скопје“, посочи партискиот портпарол.
Стоилковски обвини дека ваквите неосновани трошења се случуваат во услови на ужасна економска криза.
„За спонзорства и донации, според извештајот, биле дадени 2.308.593 денари или речиси 38 илјади евра, пари од ЈП ‘Водовод’. Во споредба со минатата година за овие две ставки, за репрезентација се потрошени речиси петпати повеќе. Истата слика е и за донации и спонзорства, 450 % повеќе.
Наместо да седи во кафеани, Весковски требало да се загрижи зошто компанијата оди во минус со наплата што е речиси половина, само 57 %, но и како е можно дури 40 % од неплаќачите да се фирми. Наместо да троши на репрезентации, Весковски требало да мисли зошто имало потреба од речиси 50 вработувања во услови кога не може да ја реализира наплатата што привремено што постојано“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.