Македонија
(Видео) Кузеска: Недела неработен ден станува реалност, следи и зголемување на минималната плата
Надлежната Собраниска комисија го усвои Предлог Законот за работни односи и даде зелено светло од први јануари да почне примената на законското решение недела да биде неработен ден, информира портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Во интерес на работниците очекуваме Законот биде усвоен и на пленарна седница. СДСМ стои зад работниците, сакаме заеднички да овозможиме позадоволни и попродуктивни работници и работнички на пазарот на труд од кои придобивки имаат сите“, нагласи Кузеска.
Таа посочи дека недела неработен ден и поголема минимална плата се социјалдемократски политики и затоа СДСМ со партнерите од Владата, како што кажа, поднеле и силно ги поддржуваат измените на законите во интерес на работниците.
„Со вклучувањето на Алтернатива се создадоа нови можности, зголеменото и стабилно парламентарно мнозинство да ги порази блокадите и опструкциите на опозицијата, да се обезбеди повисока минимална плата, а недела да биде неработен ден“, објасни портпаролката на СДСМ.
Кузеска се осврна и на последното барање на Сојузот на синдикатите за потпишување на Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор и К-15 за сите вработени.
„Како социјалдемократска влада, нашата интенција е сите вработени да бидат третирани подеднакво и затоа се прават напори да се обезбедат финансиски средства за регрес за годишен одмор (К-15)“, истакна портпаролката додавајќи дека заедништвото е тоа што ќе не’ донесе до подобар живот и повисок економски стандард за сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Учество на министерот Муцунски на конференцијата „Медитерански дијалог“ во Рим
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во работна посета на Рим, Италија, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе учествува на 10-то издание на годишната конференција „Медитерански дијалог“ (Rome MED Dialogues), каде ќе има обраќање на панелот под наслов „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“.
Дополнително, на маргините на конференцијата министерот Муцунски ќе се сретне со својот египетски колега – министерот за надворешни работи, Бадр Абделату и со сенаторот Џулио Терци ди Сант’Агата.
Македонија
Утрото студено, преку денот сончево со слаб ветер
Утрото ќе биде ведро и студено, по одделни котлини со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде претежно сончево со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -11 до -3, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје утрото студено, во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во следните денови времето ќе биде стабилно и претежно тивко со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и пониска дневна температура. Во петок кон крајот на денот се очекуваат повремени врнежи од дожд.
Скопје
Без струја делови од Аеродром и Гази Баба
Од ЕВН Македонија добиено е известување дека поради планирани зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· Од 08:30 до 12:30 часот корисниците од дел од булеварот 3та Македонска Бригада – кај ресторан Дион во општина Аеродром;
· Од 08:30 до 11:00 часот корисниците од дел од улицата Гемиџиска во општина Гази Баба.