Свет
Сепаратистите го бојкотираа референдумот, Нова Каледонија останува француска

Жителите на Нова Каледонија денеска во големо мнозинство гласаа против независност на референдумот за самоопределување, одбележан со рекордна воздржаност, особено по повикот од сепаратистите за бојкот на гласањето, што требаше да го означи крајот на процесот на деколонизација започнат пред повеќе од 30 години.
Од досега пребројаните 90,23 отсто гласачки ливчиња, 96,32 отсто од жителите кои излегле на гласање гласале против независност, објави телевизискиот канал NC 1.
На референдумите одржани на 4 октомври 2020 година и на 4 ноември 2018 година, против независноста се изјасниле 56,7 отсто односно 53,3 отсто од гласачите.
До недела до 17 часот на гласање излегле 41,60 отсто од населението, наспроти 73,68 отсто во 2018 година и 79,63 отсто во 2020.
Поддржувачите на независноста најавија дека нема да излезат на гласање, објаснувајќи дека е невозможно да се организира фер кампања со оглед на тоа што архипелагот е погоден од ковид-пандемијата од септември, што, според нив, може да го загрози слободното изразување.
Повикувајќи на смиреност, Ивон Кона, претседател на собранието одговорно за заштита на обичаите и идентитетот на домородните меланезиски жители на Нова Каледонија, ги замоли овие граѓани и каледонските прогресивци со неизлегување на гласачките места да го одбележат денешниот национален ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп го нападна Зеленски за минералите: Доцнат три недели

Доналд Трамп изјави дека работата на мировниот договор меѓу Русија и Украина „тече непречено“.
Во објава на неговата платформа „Truth Social“, актуелниот американски претседател исто така рече дека Украина сè уште не потпишала договор за ретки земјини минерали со САД и изрази надеж дека тоа ќе го стори веднаш.
„Украина, предводена од Володимир Зеленски, сè уште не ги потпишала конечните документи за многу важен договор за ретки минерали со САД“, напиша Трамп.
„Доцнат најмалку три недели. Се надевам дека договорот ќе биде потпишан СЕГА“. Тој додаде: „Работата на сеопфатен мировен договор меѓу Русија и Украина напредува непречено. УСПЕХОТ се чини дека е на повидок.“
Изјавите на Трамп доаѓаат откако неговиот претставник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а Кремљ по состанокот соопшти дека Русија и САД се „поблиску“ до договор за „голем број меѓународни прашања“. Од друга страна, од Украина доаѓаат гласини дека Киев би бил подготвен привремено да отстапи територија на Русија, иако претседателот Зеленски рече дека „нема дискусија“ за Крим или кој било дел од Украина.
Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.