Македонија
Директорот на Зоолошката градина поднесе оставка
Директорот на скопската Зоолошка градина, Ѓорги Галетановски, поднесе оставка од работното место.
За оставката, тој информираше на неговиот фејсбук-профил.
„Сакам да ве известам дека денес поднесувам оставка од работното место директор на Зоо Скопје. Во изминатите три и пол години успеавме рекордно да ја зголемиме посетеноста, да ги изработиме сите проекти кои ги ветивме, донесовме многу нови животни за првпат во нашата држава, а децата добија омилено место за секојдневни прошетки. Зоолошка градина Скопје стана најпосетена институција во државата, го отворивме и најзелениот Дино Парк со најмногу диносауруси на Балканот со преку 400 дрва и садници. Успеавме да средиме делови од градината кои со години не биле санирани, ги исчистивме езерата после 13 години, ја отворивме Бејби Зоо и направивме живеалишта за фламинга и пингвини по светски стандарди. Организиравме многу хуманитарни акции, помагавме секаде каде што можевме и тоа беше нашата најголема сатисфакција за успех.
Зоо Скопје стана прва дигитализирана зоолошка на Балканот, со своја апликација и онлајн продажба на билети. Им благодарам на сите медиуми, спонзори, донатори, здружениjа за животни, а највеќе на вработените во Зоо Скопје кои ги сакам како мое семејство и со чија помош успеавме да дојдеме на чекор до членство во ЕАЗА (Европска асоцијација на зоолошки и аквариуми). Се надевам дека зоолошката ќе продоложи да се развива и да се прават нови проекти со кои ќе се продолжи успехот на оваа институција. Јас денес се враќам на улица, достапен во секое време да придонесам за подобра иднина на државата и младите. Ви благодарам од срце“, напиша Галетановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

