Македонија
(Видео) Мицкоски: Во мај или јуни да се одржат предвремени избори зашто оваа власт веќе нема стратегија
Вчера помина и Европскиот совет на лидерите на ЕУ каде прашањето за датум за преговори со Европската Унија на Македонија не беше ставено на дневен ред, посочи на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Како што рече тој, државата доживува уште еден неуспех, односно уште една година празен од на патот кон Европската Унија.
„Македонија е блокирана и заглавена од комплетно ирационален, новосоздаден и реален спор кој го имаме со источниот сосед. И секој месец тој, за жал, се продлабочува, се проширува рамката за работите за кои се разговара и, за жал, сè подалеку сме од решение. Воедно како поминува времето забележливо е дека бугарските барања се зголемуваат, дека македонската влада има целосно отсуство на стратегија и план“, истакна Мицкоски.
Според него, со оваа најнова блокада испаруваат и последните причини за партнерите во власта и натаму да бидат дел од таа власт која, како што рече, јасно е дека не нè носи кон европска иднина.
„Новото вето е причината поради која очекувам, ако Алтернатива држи до зборот, или Кастриот кој велеше дека срцето му било во Вашингтон и Брисел, сега кога е јасно дека со СДСМ и ДУИ, заедно со нив не мрдаме од мртвата точка на застојот, да излезат јавно и да кажат дека не постојат причини да ја поддржуваат власта. Во спротивно докажуваат дека имаат и некакви поинакви мотиви за останување во тоа друштво“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски смета дека е потребен излез од ваквата статус-кво позиција, па побара во февруари или март да се формира техничка влада, а во мај – јуни да се оджат предвремени парламентарни избори и народот да одлучи за иднината на Македонија.
„Во Македонија е потребен нов импулс, нова сила за реформи, една заедничка платформа, обединување околу нов договор со народот и заедничкиот патриотизам за работите кои му се важни на народот, а кои совршено јасно е дека оваа власт не може и нема да ги донесе“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека тоа ќе биде одлична можност на новиот претседател на СДСМ, да излезе, да се соочи со граѓаните и да добие, како што кажа, каков – таков изборен политички легитимитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

