Македонија
Владата на седница донесе заклучоци за договорите што ќе бидат потпишани на сесијата на „Отворен Балкан“ во Тирана
Владата на денешната 128. седница донесе повеќе одлуки и заклучоци кои се однесуваат на договорите и меморандумите што треба да бидат потпишани на претстојната сесија на иницијативата „Отворен Балкан“ која е предвидено да се одржи на 22 декември во Тирана, а кои се однесуваат на остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во Северна Македонија, Албанија и Србија, како и на соработката на царинските и фитосанитарните управи на овие земји.
Како што информираат од владината прес-служба, на денешната седница е утврден текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
„Со предлог-измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност се врши усогласување на законски одредби од законот со најдобрите даночни трендови од аспект на оданочување на меѓуграничниот промет на услугите, како и спроведување на програмата на Владата.
Имено, со предлог-измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност се врши доуредување на одредбите кои го дефинираат местото на прометот на услуги, се воведува терминот даночен застапник со цел странските лица кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган, со цел ефикасна примена на придобивките од заеднички царински контроли“, се наведува во соопштението.
На денешната седница на Владата е разгледана информацијата и е утврден текстот на Спогодбата помеѓу премиерите на Северна Македонија и Албанија и претседателот на Србија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
„Со донесување на оваа спогодба за соработка во областа на ветеринарството, безбедност на храна и фитосанитарната политика ќе се уредат формално-правните аспекти на ова прашање и ќе се олесни трговијата со животни, храна и добиточна храна од животинско, неживотинско и мешано потекло, растенија, растителни производи и други објекти и предмети“, посочуваат од владината прес-служба.
Владата денеска го разгледа и усвои Извештајот за усогласениот текст на Спогодбата со Советот на министри на Албанија за заемно признавање одобренија за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност (ОЕОС).
„Според оваа спогодба, воспоставувањето на соработка, заснована врз заеднички стандарди и заемно признавање на резултатите од спроведените контроли, ќе претставува средство за олеснување на легалната трговија и ефикасно спречување на недозволената трговија и царинските неправилности во државите потписнички на Спогодбата, но и пошироко.
Преку спогодбата се добиваат повеќе придобивки како што се: полесен пристап до поедноставените царински постапки, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документарни контроли од царинските органи, избор на местото за контрола, како и други директни и индиректни поволности.
Сето ова треба да придонесе за: намалување на времето на спроведување на царинските постапки за стоките, намалување на трошоците за увоз и извоз, зголемување на конкурентноста и поголема интеграција на македонските компании на националниот, регионалните и европските пазари. На тој начин се зголемува нивниот деловен углед, како и нивната професионалност, претприемачки дух и финансиски капацитети.
Целта на заемното признавање на статусот ОЕО, по спроведени верификациони мисии, значи дека Царинската управа на една земја ги признава резултатите од проверката на автентичноста и одобрување на статусот ОЕО издаден од царината на другата земја“, се нагласува во владиното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

