Македонија
(Видео) Шахпаска: Од 1 јануари 92 процента од работниците ќе одмораат во недела
Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од 1 јануари недела ќе биде ден за неделен одмор за 92 % од работниците, порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, по повод изгласувањето на Законот за работните односи, при што со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“ пратениците го изгласаа законското решение недела да биде ден за одмор.
Како што информираат од Министерството, целта на ова законско решение е воспоставување рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот како предуслов за мотивација и поголема ефикасност на работното место.
„Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите што поради техничко-технолошкиот процес не смее да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 % повисока дневница за работа во недела и слободен ден што ќе може да го искористат во наредните седум дена“, рече Шахпаска.
Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела, ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена 100 %. А дополнително, 2 % од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и на празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.
„Работничките и работниците се столбот на нашата економија и движечка сила на државата. Поради тоа, остануваат наш приоритет во градењето на идните политики“, порача министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

