Македонија
Пендаровски: Нашите сограѓани заминуваат во држави во кои има правда
Неселективноста во владеењето на правото и одговорноста е најдобриот начин да ги надминеме општествената апатија, која се шири, и разочарувањето, особено меѓу помладите, кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда.
Многу истражувања потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани во голема мера не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот, истакна претседателот Стево Пендаровски во денешното годишно обраќање во Собранието на Република Северна Македонија.
Како што истакна шефот на државата, луѓето заминуваат во оние држави во кои има правда, таму каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето што се истуркани на периферијата на животот.
„Реформите во сферата на владеењето на правото се далеку најважниот приоритет за државата и според моја процена тоа ќе бидат и треба да бидат и во годините што се пред нас, сосема независно од нашето темпо на приближување кон Брисел. И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска, која често не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај“, истакна Пендаровски.
Според него, најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно неселективноста на правдата. Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај, каде што постои сомневање за сторени кривични дела, додаде Пендаровски.
Во контекст на тоа додаде дека големата автобуска несреќа, во која загинаа 45 наши граѓани, е само последниот во низата вакви случаи.
„Доколку овој, како и некои претходни случаи, не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

