Македонија
Пендаровски брифиран за подготвеноста на Армијата: успешна прва година од членството во НАТО
Пред претседателот Стево Пендаровски, денеска, во Домот на Армијата во Скопје, се презентира состојбата со борбената подготвеност на Армијата во тековната година, што е редовна обврска на началникот на Генералштабот кон врховниот командант.
На брифингот, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетите на претседателот и од Министерството за одбрана, беа претставени состојбата и реализацијата на планираните активности во функционалните области, кои се дел од борбената готовност.

Генералот Ѓурчиновски во своето излагање ја истакна подготвеноста на командите и единиците на Армијата за реализација на сите активности од планираната динамика во процесот на достигнување на целите на способност на НАТО.
Во својот осврт на годината што измина министерката Радмила Шекеринска потенцира дека во 2021 година беше одбележана првата годишнина од членството во НАТО и дека Северна Македонија успешно го положи тестот од првата годишнина како членка на алијансата.
„Вредно работевме и на воената интеграција и ја завршивме во рекордно време за 19 месеци, со што станавме препознатливи како држава во НАТО која најбргу ја заврши воената интеграција. Брзото завршување на воената интеграција е континуитет на успешната политика во Министерството за одбрана, која почна со зголемувањето на буџетот, набавките на нова опрема, членството во НАТО и севкупното зајакнување на капацитетите на Армијата“, рече министерката, која посочи и дека оваа година нашето небо стана дел од системот за воздушно патролирање на алијансата.
Шекеринска нагласи и дека веќе се избрани и првите пет офицери што ќе нѐ претставуваат во НАТО-командната структура во Измир, Монс и во Брисел и е почната селекција на дополнителни седум.
„Ја зајакнавме со персонал и Постојаната делегација на Северна Македонија во НАТО ,како и Канцеларијата за врски во SHAPE. Разбирајќи ја опасноста од современите безбедносни предизвици, потпишавме меморандум за соработка со НАТО во доменот на сајбер-безбедноста, а соработка во оваа област остваруваме и со нашиот стратегиски партнер САД“, додаде министерката.
Во заклучното излагање, претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, пред учесниците на брифингот го изрази своето задоволство од професионалноста, посветеноста и од покажаната пожртвуваност на припадниците на Армијата во справувањето со пандемијата и пожарите во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

