Македонија
Шахпаска: Со Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 ќе овозможиме еднаква видливост на жените и мажите
Со Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 ќе се воспостави сеопфатна рамка на активности за унапредување на родовата еднаквост и статусот на жените, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на јавната дебата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Таа посочи дека целта на Стратегијата е да обезбеди потполна родова еднаквост, зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување одлуки во сите сфери на општествено живеење.
„Визијата за родова еднаквост значи еднаква видливост на жените и мажите. Еднаква плата за вршење на исти работни задачи со исти образовни и професионални квалификации. Ова е важен предуслов за економски развој на една земја. Многубројните меѓународни анализи и истражувања покажаа дека токму државите со повисок степен на родова еднаквост се и економски поуспешни земји. Концептот едно општество за сите подразбира дека жените и мажите треба да имаат еднакви права, на човечки, социјален, економски и културен развој, како и еднакво учество во граѓанскиот и политичкиот живот“, рече министерката Шахпаска.
Според неа, со Стратегијата Република Северна Македонија се стреми кон унапредување на состојбата на родовата еднаквост во 13 области, меѓу кои и сузбивање на стереотипите и насилството кон жените, креирање политики и мерки за вработување. Таа оцени дека овој документ значи започнување нов циклус на работа во кој сите треба активно да придонесуваме. Стратегијата се носи во пресрет на новиот Закон за работни односи.
„Со новиот Закон за работни односи креираме и политики кои го регулираат родителското отсуство и за прв пат со новиот Закон за работни односи воведуваме родителско отсуство за таткото. Креираме политики и за флексибилно работно време, работа со скратено работно време, работа од дома, работа од далечина, заштита на работното место“, рече Шахпаска.
Во програмата за работа 2020-2024 Владата се залага и за зајакнување на жените во економијата и земјоделството, како и вреднување на лидерските потенцијали на жените. Во таа насока донесени се Законот за спречување и заштита од дискриминација. Целта на Владата за наредниот приод е внесувањето на родовиот концепт во буџетските политики кои водат кон креирање на родово сензитивен буџет, од кој имаат еднаква придобивка и мажите и жените.
Стратегијата за родова еднаквост 2021 – 2026 ја има поддршката од меѓународните организации УН Women, УНФПА, Mисијата на ОБСЕ, УНДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

