Македонија
Врачени признанијата за 8.500 здравствени работници
Претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерот за здравство, Венко Филипче, на директорите и менаџерските тимови на клиниките од јавното здравство кои најнепосредно беа вклучени во борбата со пандемијата од Ковид-19, денеска им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на над 8.000 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.
На настанот на кој започна со едноминутно молчење во спомен на починатите од Ковид-19, премиерот Заев истакна дека беа преземени соодветни и ефикасни мерки за да се запре фаталната природа и непредвидливоста на вирусот, да се намалат ризиците и да се пружи соодветна терапија и медицинска нега на заболените.
![]()
„Заедно со министерот Филипче и со останатите во тимовите непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создававме соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид-криза функционира без застој. Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие – здравствените работници“, нагласи Заев.
Премиерот додаде дека со помош пожртвуваноста и посветеноста на здравствените работници беше реорганизирано раководењето со државата со единствена цел – да се стават сите ресурси во заштита на здравјето на сите на наши граѓани.
Посебно внимание, потенцираше Заев, беше посветено на вложувањето во човечкиот капитал во здравството и во најкритичните години, за време на пандемијата во буџетите за здравство, образование и социјална заштита беа инвестирани повеќе од 300 милијарди денари.
„Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници ги ставивме на врвот на нашите приоритети. Резултатите од реформските мерки во здравството и од ковид-мерките докажаа дека инвестиравме таму каде што било најпотребно – во луѓето, во опрема и во болници. Како никогаш досега ги зголемивме платите во јавното здравство. Го вративме достоинството на здравствените работници и им овозможивме подобри услови за работа. Основната плата на лекарите специјалисти се зголемени за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23%, на општите лекари за 25%, а на здравствени соработници за 15%. Вашата посветеност, вашата макотрпна работа во борбата да се спаси секој човечки живот се вредни за секоја пофалба и благодарност, но и за заслужена конкретна финансиска поддршка“, рече Заев пред здравствените работници.
![]()
Како континуитет на овие политики, истакна Заев, Владата продолжува да испорачува резултати за граѓаните на својата држава. Во таа насока и во буџетот за 2022 година здравството и здравјето на граѓаните е првиот од четирите приоритети: Да го зајакнеме финансирањето на јавното здравство со зголемени плати на вработените во јавните здравствени установи, заедно со економското заздравување со Планот за економски раст, фискалната одржливост и порастот на јавните инвестиции и поддршката на институционалните реформи и европските интеграции.
„Инвестициите во човечкиот потенцијал се клучни за унапредување на квалитетот на здравствените услуги за сите граѓани, но тие мора да одат заедно со капиталните инвестиции во здравствениот сектор. Токму затоа континуирано ги подобруваме условите во болниците и вложуваме во изградба на нови. Одвоивме повеќе милијарди денари за капитални инвестиции во здравството затоа што мора да инвестираме во пристојни и модерни услови за лекување. Повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа. Ги создаваме сите предуслови пациентите да добијат достоен и модерен пристап до здравствена заштита, а вработените достоинствени услови за работа“, потенцираше Заев.
Во завршницата на своето обраќање Заев додаде здравјето и лекувањето на пациентите остануваа во врвот на приоритетите и во наредниот период и изрази убеденост дека ќе продолжат политиките за максимална здравствена заштита и нега со обезбедување модерно здравство.
„Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите пациенти. Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со Ковид-19 вие сте хероите“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во своето обраќање нагласи дека иако медицинскиот кадар целосно се посвети на борбата со пандемијата во континуитет се вршеа сите итни прегледи и интервенции, а лекови и терапија обезбедуваме во континуитет за сите пациенти.
![]()
„Секој ден не ни беше борба само со корона, туку и организација на здравствениот систем, секојдневни контакти со колегите, консултации за пациенти, долги состаноци за координација, тешки одлуки и лични судбини кои секогаш допираат. И потоа повторно нов ден пред нас…“, рече Филипче во своето обраќање.
Тој додаде дека сите здравствени работници покажаа високо ниво на професионалност, сплотеност и колегијалност и во ниту еден момент не потклекнаа под притисокот.
„Часови поминати во скафандери, секојдневно соочување и со болеста и со смртта. Здравствените работници не се прашуваа дали сакаат да работат во ковид, дали се самохрани родители на малолетно дете, дали имаат ризик во семејството, дали ги загрозуваат своите најблиски со тоа што секојдневно се во допир со болеста. Вие не знаевте за одмор, за оддишка, за викенд, слободен ден со семејството, пријателите, вие почитувани колеги знаевте само за едно и бевте насочени само кон едно – лекување на пациентите. Светската пандемија наметна ново темпо на работа, а во неа здравствените работници немаат работно време“, истакна министерот Филипче.
Филипче уште додаде дека последните недели во континуитет се бележи пад на бројот на новодијагностицирани случаи и процентот на позитивни од тестирани, се намалува и бројот на хоспитализирани, а со тоа е спласнат и притисокот врз болниците и дека се надева дека овој тренд ќе продолжи.
„Патот по кој чекоревме заедно изминатиов период беше непредвидлив и тежок на секој нареден чекор, ви благодарам за поддршката и довербата што ја имав од вас, заедно реализиравме многу на некои проекти дури ни пандемијата не можеше да им го попречи патот. Ви посакувам многу здравје, успех и да опстоите во понатамошните предизвици“, потенцираше министерот за здравство Филипче во своето обраќање на настанот на кој на директорите на клиниките им беа предадени плакетите за над 8.000 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.
![]()
На настанот во име на здравствените работници се обрати и Александра Георгиева, специјализант на Клиниката за кардиологија, којашто упати апел до граѓаните да се вакцинираат со што ќе им оддадат благодарност на најдобар начин на здравствените работници.
Од името на сите здравствени работници на оваа пригодна церемонија на премиерот Заев му беше врачена уметничка слика од авторот Мерсад Бербер како благодарност за неговата поддршка на здравствените работници и јавното здравство во битката со пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони, излевања и поплави на повеќе локации – во Кичево евакуирани 60 луѓе во спортска сала поради поплавени домови
Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи од дожд. Од ЦУК апелираат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.
Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, на терен се евидентирани следните состојби:
На патниот правец Гостивар – Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче регистрирани се одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол има излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а е забележано и намалено производство на електрична енергија во ХЕЦ Маврово.
Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Од ЦУК информираат дека општината нема соодветна механизација.
Во селото Форино е евидентирано паднато дрво во коритото на реката Вардар, што претставува ризик од поплава, а на терен е испратена екипа со моторна пила.
На делницата Тетово – Бањиче (кај Цртаниот ѕид) има свлечишта и одрони, при што патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Битола и околината
Во селото Лера има поплава кај мостот со можност за проширување кон селото. Во селото Породин е поплавена живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што реките не се излеани. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.
Охрид, Кичево и Струга
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.
Во Кичево се поплавени стамбени објекти на улицата „Прилепска“, а 60 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотел „Гранит“, е регистриран одрон. Патот е прооден, а расчистувањето на поголемиот нанос се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.
Општина Боговиње
Во Општина Боговиње е евидентирано поплавување на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат. Нема загрозени куќи.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.
Свлечиште на патот кон Бањиче
Дополнително, по нова пријава на бројот 112, информирано е дека поради врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се апелира до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата, а општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.

