Македонија
СДСМ: Левица и Апасиев напаѓаат и дисквалификуваат граѓански организации, прекинуваат важни проекти
„Прекинувањето на соработката на Општина Карпош со граѓанска организација, нападите и дисквалификациите кон невладините организации од лидерот и членовите на партијата Левица, само покажува дека оваа партија не е ништо друго освен приврзок на ВМРО-ДПМНЕ.
Денес Левица предводена од Димитар Апасиев се однесува исто како ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, а претходно од Никола Груевски.
Наместо да поддржат проекти кои им помагаат на ранливите категории граѓани, како оној на Општина Карпош и невладината организација ХЕРА, Левица заради исполнување на хировите на Апасиев исклучува граѓански организации од соработка и прекинува проекти во интерес на граѓаните.
Тоа не само што е удар врз демократијата и отвореноста на инситуциите, потсетува на некои минати времиња кога режимот вршеше хајка кон граѓански организации кои укажуваа на неправилности во работењето на институциите.
Лага е ставот на советничката во Советот на општина Карпош дека за конкретниот проект се трошеле пари од општинскиот буџет.
Како што информираа од невладината организација, ХЕРА не била корисник на финансиски средства од Општината Карпош за каква било активност или проект.
Откако влезе во советите, Левица секојдневно покажува дека е иста како ВМРО-ДПМНЕ, се однесува нечесно и неодговорно, работи на штета на граѓаните“.
Соопштение на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

