Македонија
Бадникова прослава во Соборниот храм во Скопје
Со традиционално делење на осветени бадникови гранчиња и народен собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, денеска се одржа 30-то скопско бадникување.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во своето обраќање до граѓаните пред Соборниот храм се осврна на значењето кое го носи празникот Бадник, посакувајќи им на сите граѓани добро здравје, среќа и благосостојба.
„Ви посакувам добро здравје, многу успех, благосостојба за сите. Сакањето и почитувањето треба да бидат одраз на христијанството секој ден во годината. Затоа сакам да ви посакам да се почитуваме, да бидеме хумани и да помагаме, еден на друг да си бидеме подадена рака и да овозможиме во оваа година сите да ја поминеме многу подобро и многу посреќно од онаа што замина“, истакна градоначалничката Арсовска.
Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан, откако ја освети погачата, порача дека нема нешто попотребно од мирот на земјата, од мирот во секој човек, мирот во семејството и мирот меѓу државите и народите, а граѓаните да живеат во мир и меѓу себе да покажуваат добра волја.
„Сето она што го подготвуваме и го правиме за празниците, во слава и чест на Бога и неговите свети треба да биде одраз на она што во себе постојано го доживуваме, го носиме и живееме. Само така, само со живот според верата, секој ден ќе ни наликува и ќе ни биде како Божик. Ние сме од оние народи кои со особена радост го дочекуваме празникот на Христовото рожденство, во семејствата, меѓу соседите, па и во цели населби. Скопските бадникари веќе со децении покажуваат колку денешниот празник не зближува и ни носи радост на сите“, рече Архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан.
Овогодишните бадникарски кумови, Драган Спасов – Дац и Александар Митевски, како и здравичарот Живко Поповски – Цветин им го честитаа празникот на граѓаните, посакувајќи им здравје, насмевки и мир во секој дом.
Минатогодишниот кум др. Никола Пановски упати најискрени желби за добра душа, а Бадник и Божиќ да ни дадат многу сила сега кога ни е најмногу потребна, дополнително порачувајќи дека оваа година кога кумството се предава на многу уметници, посакува да биде година на уметноста, година на творештвото и година на будење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

