Македонија
Коциќ: Пет отсто повисоки плати за здравствените работници, се инвестира и во нова опрема

За пет отсто се зголемуваат платите за сите вработени во здравството, а се инвестира и во нова современа опрема, изјави на прес-конференција Ненад Коциќ – пратеник на СДСМ.
Тој рече дека пандемијата со коронавирусот покажала дека инвестциите во јавното здравство се инвестции во здравјето и иднината на нашата држава.
„Владата предводена од СДСМ продолжува со инвестиции во јавното здравство за мотивирани здравствени работници и задоволни граѓани. Платите на сите вработени во здравството се зголемуваат за пет отсто, почнувајќи веќе од овој месец. За оваа намена обезбедени се 600 милиони денари во Буџетот за 2022 година. За четири години основната плата на лекарите специјалисти ја зголемивме за 40 отсто, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23 отсто, на општите лекари за 25 отсто, додека на здравствените соработници за 15 отсто. Го корегиравме коефициентот за дежурства, а на младите специјализанти им овозможивме здравствено осигурување, платени дежурства и месечен надомест во висина на основната плата на општ лекар“, рече Коциќ.
Како што додаде, покрај во човечкиот капитал, сериозно се инвестира и во опремувње и реновирање на здравствените установи.
За првпат, вели Коциќ, охридскиот регион добива апарат за магнетна резонанца кој е поставен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија ,,Св. Еразмо” во Охрид. Апарат за магнетна резонанца се постави и во Струмица, како и во Институтот за радиологија во Скопје, а Општата болница во Кичево доби апарат за компјутерска томографија
„Целосно се реновирани 1.300 квадратни мерти од Клиниката за ортопедија во Скопје, реновиран и опремен е Ургентниот центар во Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир, како и одделот за нефрологија на Клиниката за детски болести“, додаде Коциќ.
Пратеникот нагласи дека сето ова е релизирано во само еден месец, што само ја покажува заложбата на Владата предводена од СДСМ за унапредување на условите за работа на здравствените работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Словачка, Ивета Хрицова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Ивета Хрицова.
Таа ѝ посака добредојде и успех во извршувањето на дипломатската мисија, истакнувајќи подготвеност за соработка.
Соговорничките потсетија дека двете држави ги обединува наследството на Светите браќа Кирил и Методиј, како и тридецениските пријателски односи.
Претседателката се заблагодари за континуираната и гласна словачка поддршка за македонските надворешнополитички цели, особено за членството во ЕУ, како и за сојузништвото во НАТО во регионалните и глобалните безбедносни прашања. За неа, отворањето на македонската амбасада во Братислава во 2021 година е важен придонес за унапредување на билатералното партнерство.
Амбасадорката Хрицова потенцираше дека Словачка останува силен и искрен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на земјава и изрази уверување дека ЕУ мора да најде решение за да ги отвори вратите за прием на нови членки. Таа вети унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка во економијата, културата, образованието и одржливиот развој. Според неа, јакнењето на односите меѓу студентите, уметниците, претприемачите и заедниците е основата на вистинската дипломатија.
Во претстојната официјална посета на словачкиот претседател Петер Пелегрини на земјава, обете препознаваат ново поглавје во билатералните односи, што ќе ги поттикне политичкиот дијалог и економската соработка.
Говорејќи за силните културни врски меѓу двете држави, претседателката потсети на словачкиот поет Иван Штрпка, добитник на „Златниот венец“ на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата, за што амбасадорката изрази големо задоволство.
Македонија
Претседателот на Собранието Гаши се сретна со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието се сретна со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин.
На средбата претседателот Гаши изрази благодарност до пријателска Унгарија за поддршката на патот кон Европската Унија за нашата држава, истакнувајќи ја и финансиската помош на Владата на Унгарија која се вложува во подобрување на инфраструктурата и напредок на капиталните проекти.
Амбасадорот Клеин се заблагодари за средбата и му врачи на претседателот Гаши покана од претседателот на Националното собрание на Унгарија, Лало Ковер, за Конференцијата на претседатели на земјите на Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Будимпешта во ноември.
Претседателот Гаши се заблагодари за поканата и ја истакна Конференцијата како можност за средби и размени на мислења со унгарскиот колега и хомолозите од Југоисточна Европа, како форум во полза на развој на мултилатералната и билатералната соработка, како и напредок во процесот на интеграција во Европската Унија за земјите кандидати.
Претседателот Гаши и амбасадорот Клеин разменија мислења и за актуелните теми, како што се претстојните локални избори, регионалните настани и иницијативи, како и геополитичките настани во Европа и светот.
Соговорниците се заложија за интензивирање на контактите и соработката на парламентарно ниво на сите нивоа.
Македонија
„И врапчињата знаат дека ДУИ раководи со Дрисла, ѓубрето во Скопје и состојбата во Дрисла е резултат на неспособноста на Арсовска и нејзините другари од ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„На сите им е јасно кој раководи со јавните претпријатија во град Скопје. Дури и врапчињата знаат дека конкретно со Дрисла раководи ДУИ. Дрисла, ѓубрето во Скопје и состојбата во Дрисла е резултат на неспособноста на Данела Арсовска и нејзините другари од ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните на Скопје не се виновни за хаосот што го прави Арсовска и Скопје не смее да биде заложник на Арсовска и коалицијата СДС-ДУИ-Левица.
Време е да се стави крај на црните сценарија, фабрикуваните кризи и штетни сценарија за граѓаните на Скопје од страна на коалицијата Арсовска-ДУИ-Левица.
Граѓаните на Скопје не смеат да бидат заложници на Арсовска и неспособните кадри од ДУИ. СДС треба да знаат, граѓаните не се наивни, граѓаните знаат кој ветува а кој исполнува.
ВМРО-ДПМНЕ има јасна визија, план и цел, ќе го решат овој проблемот со депониите за граѓаните конечно да го добијат она што го заслужуваат, а тоа е почиста животна средина, почист воздух и намалување на бројот на дивите депонии.
ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски имаат сеопфатна стратегија за почиста животна средина, почист воздух и поквалитетен живот на граѓаните“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.