Македонија
АХВ: Уште во 2019 година се преземени мерки против африканската свинска чума
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја демантира и осудува изјавата на претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, дека ветеринарните власти не презеле никакви мерки за заштита од вирусот на африканската свинска чума во изминатите години.
„Доколку посветено ја следеле работата на АХВ, наместо да сеат лаги и да ги манипулираат сточарите и јавноста, ВМРО-ДПМНЕ ќе знаеше дека мерката за забрана за чување свињи на отворено, а за која тие наводно алармирале, е донесена и е во сила уште во 2019 година заедно со сетот мерки за спречување појава и ширење на вирусот во земјата, кој неколку години беше присутен во некои од соседните земји.
Депопулацијата на свињи што се чуваат на отворено и недозволено на депониите, вклучително и во Делчевско, но и во одгледувачниците што немаат воведено биосигурносни мерки или тие се на многу ниско ниво, е дел од мерките што Агенцијата ги презеде во изминатите две години, а со кои како дел од сетот превентивни мерки што се презедоа беа заклани и економски искористени над 2 илјади свињи.
Изјавата на директорот на АХВ, Николче Бабовски, за состојбата со болеста, дадена токму на депонијата во Делчево, имаше единствена цел – да посочи на неправилностите и непочитувањето на мерките што АХВ ги донесе уште пред три години и со кои забрани чување свињи на отворено. Токму грлата, кои, како што вели во изјавата почитуваниот Трипуновски, се шетаат на депонијата како дел од мерките на АХВ беа убиени и закопани во јамата гробница на оваа депонија.
Доколку е сериозна, опозицијата не треба да дозволи да ја манипулира јавноста и да ги доведува во заблуда одгледувачите на свињи дека државата не реагира и не презема мерки за справување со болеста. Ако сериозно мислеше да им помогне на сточарите, мерките за кои, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, алармирале уште пред три години, требаше да ги достават до одговорната институција за тоа – до АХВ, а не да се расфрлаат со душегрижништво во медиумите.
Болеста е под контрола и тоа одговорно го тврдиме. Во експресено брз рок спроведена е мерката за депопулација на свињите во радиус од 3 километри од двете жаришта во Делчевско, а мерката за фармите со висок ризик ќе продолжи да се спроведува и на фармите во зоната под надзор во радиус од 10 километри.
Во поглед на овој вирус, ефикасен е воспоставениот систем за контрола и лабораториско испитување на секоја пратка свинско месо и производи од свинско месо што доаѓаат во земјата од држави во кои болеста е потврдена како резултат на што се уништени две пратки во кои е откриено присуството на вирусот. Една по потекло од Бугарија, а другата од Германија.
ВМРО-ДПМНЕ да не се грижи. Досега ефикасност е потврдена и на мерките за контрола на болеста кај дивата популација свињи“, наведуваат од АХВ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

