Македонија
Ковачевски: Од министрите во новата Влада побарав чесно и одговорно владеење
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска, на прием кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, го претстави новиот владин состав по изборот од страна на Собранието на Северна Македонија.
Истакнувајќи дека добивањето мандат е обврска и чест што ги презеде со голема одговорност, премиерот Ковачевски изрази очекување за добра соработка со претседателот на државата во интерес на граѓаните и државата.
„Новата Влада има јасна цел – да одговори соодветно на енергетската криза, да обезбеди сигурност, услови за подобар живот и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење, што како одлики ги барав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот, кој заеднички ќе се стреми преку независните институции и правично општество да им служи на интересите на граѓаните“, изјави премиерот Ковачевски по средбата со Пендаровски.
Посочувајќи ги приоритетите за работа на членовите на Владата, Ковачевски, покрај справувањето со енергетската криза, која како дел од европската енергетска криза се чувствува и кај нас, како исклучително важни ги спомена и задржувањето и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, поддршката на компаниите за совладување на економската криза произлезена од енергетската криза, како и исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти одобрени во буџетот за 2022 година, како и во законските решенија одобрени во Собранието во декември.
„Евроинтеграциите како наша стратешка цел секако остануваат меѓу врвните приоритети. Доаѓа ново време. Од денеска секоја минута од нашето време им ја посветуваме на клучните прашања од интерес на граѓаните. Како прв човек на новата Влада, како моја задача и одговорност си ги поставив конструктивната комуникација и соработката со сите фактори во нашето општество, како што се граѓанските здруженија и претставниците на опозицијата“, рече премиерот Ковачевски истакнувајќи дека новата Влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на поставените високи цели за кои, како што истакна, е сигурен дека со многу работа и труд ќе бидат реализирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

