Свет
Брановите во Пацификот предизвикаа излевање нафта во Перу – плажите затворени за јавност

Невообичаено високите бранови во Тихиот Океан, кои се припишуваат на ерупцијата на подводен вулкан во близина на островот Тонга, предизвикаа излевање нафта по должината на брегот на Перу, но властите во Лима денеска соопштија дека несреќата била ставена под контрола за наколку часа.
Перуанскиот институт за цивилна одбрана во денешното соопштение за печатот потврди дека во неделата, додека товарел нафта на танкер од рафинеријата „Ла Пампила“ на брегот на Тихиот Океан, силни бранови го придвижиле бродот и предизвикале излевање гориво, пренесе „Ројтерс“.
Властите во Перу не соопштија колку галони се истуриле, туку само ја информираа јавноста дека локалните и федералните власти се ангажирани во чистење на загрозениот дел од брегот.
Рафинеријата „Ла Пампила“ во провинцијата Калао во близина на Лима, главниот град на Перу, припаѓа на шпанската нафтена компанија „Репсол“ и се смета за главна фабрика за преработка на нафта во таа латиноамериканска земја.
По наредба на локалните власти, од неделата плажите во загрозеното подрачје се затворени за јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Западен Балкан е далеку пред Украина: Австриската министерка бара да се забрза проширувањето на ЕУ

Австриската министерка за европски прашања Клаудија Плаколм, член на Австриската народна партија, побара да се забрза проширувањето на Европската унија. „Во Западен Балкан, конечно мора да има конкретни чекори што ќе ги почувствува населението“, рече таа во интервју за АПА.
Таа се надева дека ЕУ ќе ги добие првите кандидати за членство во следните неколку години“, а најдоцна до 2030 година. А земајќи ја предвид агресивната трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, таа смета дека Европа мора сама да преземе иницијатива“ наместо само да се надева.
Плаколм истакнува дека „повеќе од 20 години се зборува за Западен Балкан, но без значителен напредок, бидејќи најчесто соседните земји го блокираат процесот“. Во овој контекст, таа е отворена за можноста за ограничување на правото на вето во рамките на ЕУ.
„Покорисно би било кога би можеле да преземеме некои чекори побрзо и да се вратиме на едногласност само на крајот од процесот. Но, сепак мислам дека е важно да се најде договор за клучните прашања и да се води дијалог“.
ЕУ ризикува да го изгуби кредибилитетот на Западен Балкан, предупредува.
„Постои опасност дека ако ја пропуштиме европската интеграција, Западен Балкан ќе стане играчка на другите глобални сили“, рече таа, веројатно алудирајќи на влијанието на Русија и Кина.
„Се чувствува, особено кога ќе погледнеме наназад на демонстрациите во Србија, дека населението е повеќе од кога било подготвено за реформи, за европска интеграција и дека сега конечно му требаат конкретни подобрувања. Се гледа дека тоа го поддржуваат младите луѓе, студентите кои излегуваат на улица и имаат барања за политичарите“, објасни министерката.
Плаколм се залага за „постепена интеграција“ на понапредните кандидати во ЕУ, преку вклучување во програмите на ЕУ.
„Веќе сега можеме да одиме чекор по чекор и да се шириме или да започнеме европски програми во земји кои се веќе на вистинскиот пат“, рече таа.
Земјите што ги смета за најнапредни се Црна Гора, Северна Македонија и Албанија. На прашањето дали би можеле да станат членки до 2030 година, таа одговори: „Се надевам, би сакала тоа“.
За кандидатскиот статус на Украина, вели дека тоа е геополитичка одлука.
„Јасно е дека ја поддржуваме Украина како Австрија и како ЕУ, бидејќи на 24 февруари 2022 година беше нападната земја на европско тло. И приближувањето до нашите европски принципи, нашите вредности можат да бидат само од корист. Но, дури и ако војната за руска агресија заврши наскоро, Украина нема да биде подготвена да стане членка на Европската унија преку ноќ“, рече министерката. Таа потсети дека процесот за некои земји траел повеќе од 20 години.
„Во овој поглед, Западен Балкан е далеку пред Украина“.
Плаколм не реагираше позитивно на предлогот за членство на Канада во ЕУ, што го предложи поранешниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел, силен противник на идеите на Трамп за анексија: „Веќе има доволно кандидати кои чекаат“. Сепак, смета дека ЕУ треба да ги зајакне меѓународните партнерски односи – вклучително и со Канада.
Зборувајќи за сегашните глобални турбуленции, кои, меѓу другото, беа предизвикани од трговската политика на Трамп, Плаколм повика на зајакнување на европската самодоверба: „Важно е Европа да не се повлече, да го зајакнеме стратешкиот суверенитет, да не зависиме од милоста на другите и да нè гледаат како силен глобален играч, а не како пион“.
ЕУ го спореди со „стар брод кој стои на море и чека поволен ветер“, додавајќи дека „можеме самите да ги свртиме едрата за да го искористиме ветрот“.
Плаколм го поздравува планот на Европската комисија за зајакнување на европската одбрана.
„Мило ми е што ја преземаме одговорноста да се зајакнеме, особено во однос на одбраната, Австрија, во согласност со нејзиниот устав, ќе ги искористи сите расположливи можности, особено финансиските.
Зборувајќи за буџетот на ЕУ по 2027 година, таа подвлече дека Австрија, која во моментов се бори со висок буџетски дефицит, ќе продолжи да се залага за штедлив пристап.
„Нашата позиција останува непроменета бидејќи и нашиот статус како нето придонесувач во Европската унија, исто така, ќе остане непроменет. Затоа, се разбира, се залагаме за внимателна и претпазлива употреба на финансиските ресурси на Европската унија. Би имало одреден потенцијал за ефикасност и заштеда доколку помалку се губиме во детали и ситници.
Свет
Син на министер и неговата сопруга Александра загинаа при уривањето на покривот на ноќниот клуб „Џет сет“

Музичари, професионални спортисти, менаџери и политичари се забавувале во познатиот ноќен клуб – богатите и славните биле во „Џет сет“ во Доминиканската Република кога во вторникот вечерта се урна покривот. Бројот на загинати сега се искачи на 184, соопштија властите.
Меѓу жртвите се и Едуардо Гуварионекс Естрела Круз, син на министерот за јавни работи и комуникации, Едуардо Естрела, и неговата сопруга Александра Грулон, која е и сестра на познат менаџер на фондови, пренесува медиумот „Дијарио либре“.
Едуардо и Александра се венчаа во јуни 2024 година, а на венчавката присуствуваше и претседателот на Републиката, Луис Абинадер.
Тие биле со пријатели кобната ноќ кога се случила катастрофата.
Во урнатините загинаа и поранешните бејзбол-играчи Октавио Дотел и Тони Бланко. И двајцата играа во американската бејзбол-лига (MLB).
Енди Бајахибе 30 години живее во Доминиканската Република со семејството. Таму работи како водич и нуди тури на германски. Тешко го погоди веста за трагедијата во дискотеката.
„Сите познаваат некој што е погоден од катастрофата“, изјави тој за „Билд“.
„Колку што знам, тој ден имаше роденденска забава на висок банкар од ‘Банко популар’. Затоа имаше толку многу познати личности и политичари“, рече Бајахибе.
Претседателот Луис Абинадер прогласи тридневна жалост. Потрагата по дополнителни потенцијални жртви на местото на трагедијата продолжи и во средата.
Меѓу жртвите имало истакнати јавни личности, меѓу кои и пејачот Рубио Перез, саксофонистот Луис Солис, како и неколку владини претставници и странски државјани.
Загина и гувернерката на провинцијата Монтекристо и сестра на познатиот бејзбол-играч Нелсон Круз, Нелси Круз.
Причината за уривањето на покривот сè уште не е позната.
Свет
Германија: Фридрих Мерц повика на трговија без царини меѓу Америка и ЕУ

Фридрих Мерц, кој најверојатно ќе биде новиот германски канцелар, во средата изјави дека е за трговија без царини меѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Оцени дека паузата од 90 дена што ја воведе американскиот претседател Доналд Трамп во однос на царинските давачки е доказ дека обединетиот европски пристап има позитивен ефект.
„Европејците се решени да се бранат и овој пример покажува дека единството најмногу помага“, рече Мерц во интервју за ТВ-мрежата RTL Direkt откога неговиот конзервативен блок склучи коалициски договор со социјалдемократите, пренесува „Ројтерс“.
Мерц повика сите да прифатат целосно укинување на царините за трансатлантската трговија и оцени дека со тоа ќе се реши проблемот, пренесува „Танјуг“.