Македонија
Османи – Генчовска: Новите мандати можност за засилување на меѓусебните односи
Во рамките на денешната официјална посета на висока владина делегација од Република Бугарија, предводена од премиерот Кирил Петков, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари одделна средба со министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска.
На средбата беше поздравен обновениот дијалог меѓу двете влади, како и значењето на продолжување на интензивната комуникација на високо ниво, при што беше изразено уверување дека со новата динамика во контактите ќе дојде до потребното надградување на билатералните односи.
Во фокус на разговорите беше претстојната заедничка седница на владите, која ќе се одржи во Софија на 25 јануари, како и внесувањето нова динамика во соработката преку примена на концептот на работни групи, при што се разгледани конкретни области во кои постои потенцијал за напредок. Со тоа двете земји ќе испратат јасен сигнал дека постои силна волја за исчекор и заемно разбирање во духот на добрососедството и европските вредности.
„Посетата е на самата 30-годишнина од првото признавање на независноста на нашата држава, кое дојде токму од Република Бугарија, но ова е и прва посета на премиерот Петков на регионот на Западен Балкан воопшто, што испраќа многу важна и вредна порака за нашите односи, но не помалку важно и за нашиот динамичен и верувам поинаков пристап во надминување на предизвиците со кои се соочуваме“, изјави министерот Османи по средбата додавајќи дека е „важно да се идентификуваат конкретни чекори за соработка преку иницијативи, активности и проекти многу набргу за што двете Министерства за надворешни работи и другите ресори ќе дадат свој конкретен придонес.
Соговорниците потврдија дека европската интеграција на Западен Балкан претставува национален интерес како на земјите кандидати за членство така и на земјите членки на Европската Унија. Ја изразија посветеноста кон процесот на приближување на регионот кон Европската Унија и ја акцентираа важноста на добрососедството и регионалната соработка како влог во заедничката европска иднина.
Во однос на економската соработка, министрите го поздравија растот на трговската размена меѓу двете земји од 30 % во текот на 2021 година и ги изразија своите очекувања дека во текот на 2022 година ќе се задржи позитивната стапка на раст на двете економии и трговската размена меѓу нив, како и позитивниот тренд во нови инвестиции, кои треба да бидат и поддржани од двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

