Македонија
Горан Милевски без одлука во ЛДП се предложил за министер
Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, самиот, без согласност и партиска одлука, се предложил за министер во Владата, што покрена иницијатива внатре во партијата за негова одговорност.
„Со вчерашниот избор на Владата и изборот на Горан Милевски за член на Владата е прекршен Статутот на ЛДП. На последната седница на ЦО се зазема став водење преговори и барање до мандатарот Ковачевски за учество на ЛДП во Владата. Одлуката за учество и обезбедување на уште еден министерски мандат на Милевски се случи без претходно одржување седница на ЦО и носење одлука за учество во Владата. Согласно член 38 став 17 од Статутот на ЛДП: ‘ЦО утврдува листа на кандидати за членови на Владата на Република Македонија од редовите на ЛДП’“, стои во дописот на Филип Аврмачев, член на Централниот одбор испратен со органите на ЛДП.
Тој им порачува на членовите на Надзорниот одбор да поведат соодветна постапка против претседателот Милевски за прекршување на статутот на партијата.
„Како што наша идеолошка заложба е дека никој не смее да биде над законите на државата, така и во партијата никој не смее да биде на статутот, ниту претседателот на партијата, а најмалку во момент кога е тој лично засегнат“, пишува Аврмачев во писмото до партиските органи.
Прашан дали е тоа негов допис со кој бара постапка против Милевски, Аврамчев не сакаше да ги коментира внатрешните случувања во ЛДП.
„ЛДП е демократска партија и сите партиски проблеми ги решаваме внатре во партијата и би сакал тоа така и да продолжи“, одговори Аврамчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

