Македонија
(Видео) Каевски: Потпишаните договори со Бугарија носат придобивки за граѓаните на двете земји
Новите влади на Република Северна Македонија и Република Бугарија отвораат ново поглавје во односи меѓу двете соседни земји. Вчера се одржа успешна меѓувладина седница на која беа формирани петте работни групи и се потпишаа важни меѓудржавни договори и меморандуми за проекти кои се од интерес на граѓаните од двете држави, изјави на денешната прес-конференција Дарко Каевски, пратеник на СДСМ
Тој додаде дека двете влади и надлежните министерства ќе соработуваат во областа на инфраструктурата, земјоделството, аграрни науки, развој на малите и средни претпријатија, либерализација на превозот на стоки, намалување на цената на роамингот.
Посебен фокус ќе се стави на железничкото поврзување на двете држави, како и инвестиции во важни патни делници од Коридорот 8 што оваа година ќе биде приоритет за Владата предводена од СДСМ.
Со силен интензитет на соработка и брза реализација на договорите, очекувано е веќе во следните шест месеци да се постигнат значајни резултати во сите области.
Сето ова е еден значаен исчекор во унапредување на односите меѓу двете земји, исчекор кој води кон придобивки за двата народа, истакна Каевски.
Зајакнување на соработката на Северна Македонија и Бугарија преку економски, културни, образовни и младински размени, инфраструктура која поврзува, мобилност, дигитализација, брз проток на информации, е она на кое Владата предводена од СДСМ ќе се посвети во следниот период.
Од СДСМ очекуваат дека низ ваков отворен пристап, низ дијалог и соработка не само што ќе ја продлабочиме соработката, туку ќе најдеме заедничко прифатливо решение за отворените прашања.
СДСМ преку Владата што ја предводи останува посветена на обезбедување на европската иднина и засилена соработка со сите наши соседни земји, изјави Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

