Македонија
(Видео) Митева: Советниците на СДСМ на сметка на Град Скопје се гоштевале со скапи јадења

Додека СДСМ блефира и манипулира со јавноста дека Македонија е најдобро рангирана според извештајот на „Транспаренси интернешнал“, денес имаме нов доказ кој покажува зошто Македонија е повторно во групата земји со највисока перцепција за корупција во Европа, рече на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Како што кажа таа, на сметка на Град Скопје за време на локалните избори советниците и припадници на противпожарната бригада се гоштевале по ресторани.
„Се нарачувале бифтек таљати, пршути, лососи, медалјони, специјална нарачка фрути ди маре во вредност од 8.600 денари.
Според наведеното во барањето за одобрување средства за репрезентација, лицето Владимир Симоновски, командант на противпожарната бригада, навел дека репрезентациите се искористени за гости од странство при промоција на скалата возило“, наведе Митева и потсети дека на социјалните мрежи се ширеле шпекулации оти во кризните моменти кога Македонија ја зафатија пожари на одмор бил и командирот на скопската противпожарна бригада.
Партиската портпаролка ја спомена и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, која, како што рече, за време на кампањата за локални избори, на 22 октомври, од сметка на градот потрошила 39.700 денари за репрезентација во еден ексклузивен угостителски објект на кејот на Вардар.
„Оттука, сосема јасно е зошто Македонија се наоѓа на 87. место на извештајот на ‘Транспаренси интернешнал’. Владата на СДСМ и на локално ниво изминативе 4 години беше дел од голем број скандали, сомнителни јавни набавки и тендери во четири очи, коруптивни зделки и злоупотреба на јавната функција“, обвини Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.