Македонија
(Видео) СДСМ: И во време на криза Владата ја намалува невработеноста

И во време на криза, Владата предводена од СДСМ преку ефикасни мерки и политики обезбедува намалување на стапката на невработеност и повисок животен стандард, рече на денешната прес-конференција Лидија Тасевска, пратеничка од СДСМ.
Како што посочи таа, оперативниот план за активни мерки и програми за вработувања дал видливи резултати.
„Со Оперативниот план за 2021 се опфатија 11.292 невработени лица. Само со мерките за самовработување и поддршка за креирање нови работни места, минатата година се вработиле 4.000 лица, додека 3.787 млади лица до 23 години вработени во производство и земјоделство, добија младински додаток на платите. Четврта година по ред се спроведува и проектот ‘Гаранција за млади’ каде во фокусот се невработени млади лица на возраст до 29 години. Во 2021 со оваа мерка се опфатија 19.298 млади невработени од кои дури 75 отсто биле жени. Дополнително, преку мерките за помош во време на криза спасени се околу 60.000 работни места, што е потврдено и од Меѓународниот монетарен фонд“, нагласи претставничката на СДСМ.
Како што рече Тасевска, овие податоци се добри резултати во борбата против сиромаштијата и невработеноста, но и дополнителен мотив реализацијата на мерките да продолжи и понатаму.
„За таа цел, креиран е и оперативниот план за 2022 година, за кој се обезбедени 1,73 милијарди денари, односно 28 милиони евра“, нагласи таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште еден случај на семејно насилно – скопјанец со возило се обидел да ја прегази сопругата, па ја истепал

Уште еден случај на семејно насилство во Скопје, сопруг се обидел да ја прегази сопругата со автомобил, кога не успеал, ја истепал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда.
„При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри.
Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Македонија
Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Со задоволство информирам дека на денешната седница на Владата беше усвоена Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со Акцискиот План, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
„Овој документ ја одразува непоколебливата посветеност на Владата на Република Северна Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на надлежните институции со структуриран и систематски пристап, кој има за цел зголемување на ефикасноста при конфискацијата на незаконски стекнат имот“, рече тој.
Една стратегија, додаде Фетаи, колку и да е добра, останува само документ доколку не се спроведува ефикасно.
„Поради тоа, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку основање на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој ќе обезбеди успешно спроведување на утврдените цели“, рече тој.
Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење ќе има централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи постојана посветеност за реализација на оваа стратегија.