Македонија
Милошоски до Османи: Зошто не кажете што содржи нон-пејперот што сте го испратиле во Софија во декември?
Министерот Османи зборува да изградиме заеднички позиции, зборува за зрелост, почит и меѓусебна доверба, но како ние да имаме доверба како пратеници коишто ги избрал народот, пратениците ја избрале Владата, а Владата не сака со нас да сподели еден нон-пејпер којшто во декември бил испратен во Софија, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на денешната собраниска Комисија за надворешна политика на која излагање имаше и шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој кажа дека нема ништо спектакуларно во пакетот 5+1 од преговорите со Бугарија.
„Како да ги изградиме тие позиции во кои вие сте го напишале вашето мислење, стручно лице го дополнило тоа мислење, а вие не ни давате ниту право, ниту доверба како пратеници да дадеме сугестија за тој нон-пејпер што сакаме да биде во согласност со Декларацијата која што ова собрание ја усвои“, посочи Милошоски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ на министерот Османи му порача дека прави нов преседан каде што потврдува дека има документ, дека истиот е неформален, е работна верзија, а ја ускратува можноста пратениците во таа работна верзија да го дадат својот придонес.
„Мислам дека тоа е потценување на зрелоста, почитта и на довербата кон пратениците за која вие зборувавте“, нагласи тој.
Понтаму Милошоски се осврна на, како што рече, одлуката од март 2020 година за почеток на преговорите.
„Кога таа одлука беше донесена вие лично на прес-конференција пред македонската јавност со Никола Димитров и Оливер Спасовски, како тогашен технички премиер, кажавте дека одлуката е безусловна, а гледаме дека сега има 5+1, 3+1, 2+1, имаме услови коишто допираат дотаму што одат до Уставот којшто е темел на политичкиот суверенитет на една држава“, кажа пратеникот.
Третата поента во неговиот говор беше во однос на идентитетот и јазикот.
„Вие велите дека не преговараме за идентитетот и јазикот, но има разговори. Штом има разговори, тенка е линијата помеѓу разговори и преговори, може да се направи политички притисок, гледаме дека владата си има свои зацртани цели, главниот приоритет е опстанувањето на власт и може тој приоритет да ве наведе да влезете и во преговори“, нагласи Милошоски, кој праша и зошто новата бугарска влада, ако навистина има поинакви гледишта, не прифати да го потпише Договорот помеѓу Македонија и „Фронтекс“.
Милошоски истакна дека ова е трет меморандум кој што се потпишува од стана на македонската и бугарската страна за изградба на Коридор 8.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

