Македонија
СДСМ: Ја намалуваме стапката на невработеност

Владата предводена од СДСМ преку ефикасни мерки и политики обезбедува намалување на стапката на невработеност и повисок животен стандард за граѓаните и во време на криза. Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување како еден од најуспешните владини проекти, испорачува видливи резултати, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека во 2021 со Оперативниот план се опфатија 11.292 невработени лица. 4.000 лица лани се вработиле само со мерките за самовработување и поддршка за креирање нови работни места, додека 3.787 млади лица до 23 години вработени во производство и земјоделство добија младински додаток на платите.
Веќе четврта година по ред се спроведува и проектот „Гаранција за млади“ кој опфаќа невработени млади лица на возраст до 29 години. Лани со оваа мерка се опфатија 19.298 млади невработени лица од кои 75% биле жени.
Дополнително, Меѓународниот монетарен фонд потврди дека околу 60.000 работни места се спасени со мерките за помош во време на криза.
Овие податоци се дополнителен мотив за реализацијата на мерките да продолжи понатаму.
Токму затоа, креиран е и оперативен план за 2022 година, за кој се обезбедени 1,73 милијарди денари, односно 28 милиони евра.
СДСМ како одговорна партија продолжува со реализирање на мерки и политики кои обезбедуваат нови работни места, намалување на стапката на невработеност и повисок стандард за граѓаните, се вели во соопштението од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.