Македонија
Изречени 196 санкции во Скопје, 64 за брзо возење

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 196 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 64 санкции, 24 мерки за возење без возачка дозвола, 18 санкции за технички неисправни возила.
Изречени се шест мерки за возач почетник, шест санкции за зборување на мобилен телефон, четири мерки за минување на затворен сигнал црвено светло, 20 санкции за управување под дејство на алкохол.
Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за зголемување на безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За СДС училишните клупи беа место за партиска пропаганда

Кога станува збор за партизација на институциите, СДС прво нека се погледне себеси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Партиските функционери на СДС организираа партиски настани во основни училишта.
СДС ги претвори училишните клупи во место за партиска пропаганда.
Наследството во образованието што го оставија СДС и ДУИ беше катастрофално, образованието беше во длабок минус, учениците беа оставени без учебници, наставниот и стручниот персонал беа без достоинствени примања, а образовната инфраструктура беше запоставена“.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од владејачката партија, ги зголеми платите за над 12 проценти, се градат факултетски објекти и има зголемени стипендии.
Македонија
Алијанса за Албанците: Цените на храната, енергијата, здравствените услуги се драстично зголемени, граѓаните ја плаќаат цената на економската криза

Претседателката на Форумот на жени при Алијансата за Албанците, Елфете Исмаили, на денешната прес-конференција одржана во седиштето на АА во Скопје, упати сериозни критики за влошената економска состојба во земјата, нагласувајќи дека владата не презела ниту една мерка за да го запре осиромашувањето на граѓаните.
„Владата доживеа неуспех, а граѓаните се тие што ја плаќаат цената на економската криза. Растот на цените најмногу ги погодува најранливите слоеви на општеството, а од извршната власт не се гледа ниту еден конкретен план за поддршка на граѓаните,“ изјави Исмаили.
Таа потенцираше дека инфлацијата пријавена за месец јуни изнесува 4,5%, но реалната состојба на теренот е многу полоша.
„Цените на храната, енергијата, здравствените услуги и облеката се зголемени драстично. Овие не се само проценти на табели – тоа се реални трошоци што тешко ги издржуваат граѓаните, чиишто куповни можности секојдневно се намалуваат.“
Според неа, додека соседните земји преземаат активни мерки, како намалување на ДДВ за основните производи или директна помош за семејствата во ризик, нашата влада троши за луксуз.
„Во ек на криза, Владата на Северна Македонија планира да потроши 1,8 милиони евра од буџетот за EXPO Белград 2027 – за логоа, столици, сместување и промоции. Ова е навреда за граѓаните што едвај преживуваат.“
Исмаили рече дека граѓаните се напуштени, а владините политики целосно одвоени од социјалната реалност.
„Инфлацијата е скриен данок кој најмногу ги погодува оние кои имаат најмалку. Младите си заминуваат од државата разочарани и без перспектива, додека пензионерите веќе не можат да си дозволат пристоен живот. Ова е спирала што нè влече сите надолу.“
Алијансата за Албанците предлага итни и конкретни мерки, меѓу кои: намалување на ДДВ за основни прехранбени производи и здравствени услуги; Субвенции за најпогодените слоеви од инфлацијата; Поддршка за домашните производители, за да се спречи поскапувањето на увозните стоки;
Воведување механизми за контрола на цените и забрана за шпекулации на пазарот;
Одговорност од Владата за економскиот неуспех и злоупотребата на јавните средства.
„Алијансата за Албанците нема да молчи. Ќе го кренеме гласот за достоинството на граѓаните и за политики што го ставаат граѓанинот во центарот на државата, а не интересите на мала привилегирана елита што живее во луксуз.“
Македонија
ДУИ: Една година „резултати“, но нула почит за албанскиот јазик, неприфатлива институционална дискриминација од Царинската управа

„Демократската Унија за Интеграција јавно и остро го осудува скандалозниот начин на кој Царинската управа го одбележа едногодишното раководење на новото раководство, целосно исклучувајќи го албанскиот јазик и албанските претставници од секоја комуникација, симболика и официјална содржина“, велат од ДУИ.
„Една година „резултати“, но ниту еден збор на албански. Ниту еден текст, ниту еден наслов, ниту еден глас, ниту еден институционален претставник на албански јазик – во презентација која, според нив, требаше да ја одрази успешноста на една државна институција, во една двојазична и мултиетничка држава.
Ова не е случајност. Ова е дискриминаторска и исклучувачка политика кон албанскиот јазик и албанските граѓани. Уште позагрижувачка е службената тишина, фактот што сите што требаше да реагираат, избраа да зборуваат само на македонски јазик.
Не може да се смета за рамноправна застапеност фактот што албанскиот заменик-директор е отстранет од официјалната веб-страница на Царинската управа, и изедначен со политички советници, вклучително и фигура осудена од Хашкиот суд.
ДУИ го смета овој чин за сериозно кршење на Законот за употреба на јазиците, како и негирање на духот на Охридскиот договор и темелите врз кои е изградена соживотната коегзистенција во оваа земја. Симболите, јазикот и застапеноста се суштински дел од еднаквоста. Кога тие се игнорираат – нема заедничко владеење, туку доминација и понижување.
Упатуваме итен повик до Владата, Инспекторатот за употреба на јазиците, Народниот правобранител и сите надлежни институции за надзор да реагираат веднаш. Тишината е соучесништво во навредата.
Неприфатливо е јавните институции да се претвораат во едноетнички органи. Бараме одговорност, транспарентност и итно враќање на албанскиот јазик во секоја официјална содржина на Царинската управа, како и еднаква застапеност на албанските функционери“, соопштуваат од ДУИ.