Македонија
(Видео) Пендаровски: Направивме подготовки за сите можни сценарија во Украина

Четиринаесеттата седница на Советот за безбедност денеска се одржа со двајца нови членови, односно премиерот Димитар Ковачевски, кој доаѓа на местото на поранешниот премиер Заев, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која доаѓа на местото на поранешната министерка Шекеринска, информира претседателот на државата, Стево Пендаровски.
По негова покана, на денешната седница биле присутни и директорите на агенциите за разузнавање и за национална безбедност, како и началникот на Генералштабот на Армијата, кои не се дел од редовниот состав на Советот.
Пендаровски посочи дека на седницата се дискутирало за актуелните политички и безбедносни состојби во земјата, во регионот и пошироко – во т.н. евро-атлантската зона на одговорност, со оглед дека сме членка на НАТО.
„На седницата имаше дискусија и за тензиите во поширокиот регион, поточно на украинско-руската граница. Имајќи предвид дека станува збор за две држави што граничат со таканаречената евро-атлантска зона на одговорност, Северна Македонија како членка на НАТО беше должна да ги направи и ги направи сите неопходни подготовки – повторувам, подготовки, за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвива текот на настаните во наредниот период во тој дел од светот.
Ги поздравуваме дипломатските напори што се одвиваат на разни нивоа, кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница, со кои им се дава шанса на дијалогот и на преговорите, а не на оружјето и на воинствената реторика.
Во тој дел од светот има мали, засега симболични знаци за деескалација на реториката во изминатите неколку денови, но сѐ уште е рано за прогнозирање како ќе се одвиваат настаните понатаму затоа што во моментот тој дел од светот сѐ уште останува потенцијално високоризична зона“, нагласи претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Онлајн настава една недела во четири училишта во Гази Баба поради пожарот во Трубарево

Министерството за образование и наука информира дека наставата во основните училишта „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба, од понеделник 15 септември до петок 19 септември ќе се реализира без физичко присуство на учениците во училиштата, туку онлајн.
Поради настанатиот пожар во Трубарево, општина Гази Баба и препораките на Државниот инспекторат за животна средина, на итна седница на Владата беше донесен Заклучок наставата во четирите основни училишта да се реализира преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.
Министерството за образование и наука ги извести училиштата да ја организираат наставата согласно новонастанатите услови.
Македонија
(Видео) Командантот на пожарникарите раскажа како се гаснел пожарот во Трубарево – на помош добиле хемиска пена, па стигнал и песокот

Скопските пожарникари во изминатите два дена интервенирале со целокупниот капацитет при големиот пожар во магацините за пластичен и електронски отпад во Трубарево. Иако само еден час претходно имале интервенција во населбата Лисиче, огнената стихија била брзо ставена под контрола, а соседните објекти биле изолирани од опасност од опожарување, информира командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски.
„Побаравме помош од Главниот штаб, а значајна поддршка добивме и од Окта со хемиска пена и од Макпетрол. Нашите резерви беа потрошени во првичниот удар. Активирани беа сите капацитети и на Комунална хигиена. Беше испратена дополнителна механизација и камиони со песок за да се спречи црниот чад кој се гледаше оддалеку,“ изјави Томевски.
Тој додаде дека пожарот е под контрола и се вршат дополнителни проверки за евентуални остатоци од горењето.
Интервенцијата ја оцени како успешна.
„Вакви пожари се тешки за гаснење, но успеавме да го ставиме под контрола, што беше изненадување и за мене“, рече Томевски.
Додаде и дека мирисот е намален и се надева оти до крајот на денот ќе престане исчадувањето.
Македонија
Најмногу листи за Скопје – 18 кандидати за градоначалник и 20 листи за советници

По завршување на рокот за поднесување на кандидатски листи за градоначалници и совети на општините и на Градот Скопје, во 80 општини и Градот Скопје, до општинските избрни комисии се поднесени вкупно 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници на општините и Градот Скопје, соопшти Државната изборна комисија.
Во оваа бројка се вклучени листите на кандидати од политички партии и листите поднесени од група избирачи. Најголем број на листи на кандидати за градоначалници и совети е поднесено за Градот Скопје односно вкупно 18 листи на кандидати за градоначалник на Град Скопје и 20 листи на кандидати за членови на Советот на Град Скопје.
Согласно Роковникот за локалните избори 2025 година, ОИК доставува барање до институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите веднаш по приемот на листата односно најдоцна на 14 септември.
Откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, општинските изборни комисии ги доставуваат потврдените листи до Државната изборна комисија за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати, веднаш по потврдувањето на листата односно најдцна на 20 септември 2025 година. По завршување на процесот на проверка на документацијата и исполнетоста на законските услови и птврдување од страна на ОИК, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини кои ќе учествуваат на изборите.