Македонија
Поддршка од Франција за почетокот на преговорите со ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи денес за време на работната посета на Париз остварија средба со Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.
Во фокус на разговорите беше европското досие на Северна Македонија, во светло на актуелното француско претседателство со Советот на Европската Унија и во таа насока за потенцијалите на ова претседателство за напредок во нашите европски интеграции. Соговорниците се согласија дека Северна Македонија и Албанија треба да ги почнуваат преговорите за членство во Унијата, без одложувања.
Соговорниците исто така разменија мислења и за сетот на реформи, неопходни за реализација на европската агенда, со посебен акцент на клучните области како што е владеењето на правото, борбата против корупција и организираниот криминал, а во согласност со новата Методологија за проширување на ЕУ, иницирана од Франција.
За време на разговорот беа добиени јасни и недвосмислени пораки за поддршка од страна на Франција; пораки за нашата подготвеност за почеток на преговорите, како и за улогата на Франција во овој процес.
Османи и Маричиќ информираа и за создадената нова политичка клима меѓу двете нови влади во Северна Македонија и Бугарија, која, како што велат, покажува една нова енергија, нова иницијатива во нашите меѓусебни односи, што говори и за сериозноста и посветеноста на двете земји за да се постигне напредок.
Имајќи ја предвид евидентната посветеност на Франција кон Западниот Балкан и европска иднина на овој регион, стана збор и за најавата за одржување Конференција за Западен Балкан во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ, а меѓу другото, беа најавени и политики на инвестирање, со цел економска интеграција на земјите на регионот и потврдување на европската перспектива на регионот.
На средба соговорниците разговараа и за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција, а се зборуваше и за актуелните предизвици на целиот континент, со посебен фокус кон состојбите во и околу Украина – за кои како НАТО-сојузници беше изразен заеднички став дека треба да бидат вложени сите напори за дипломатско надминување на предизвиците.
Во рамки на посетата на Париз, Османи и Маричиќ се сретнаа и со Изабел Думон, дипломатскиот советник за Континентална Европа и Турција на претседателот на Франција, Емануел Макрон, а се сретнаа и со сенаторот Роберт Бадинтер, при што од страна на министерот Османи му беше врачено признанието по повод 30 годишнината од независноста на Република Северна Македонија.
Од утре, Османи и Маричиќ ќе се придружат на владината делегација во Брисел каде што ќе имаат средби со највисоките претставници на ЕУ и НАТО-институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

