Македонија
Ковачевски во Брисел ќе се сретне со Столтенберг и Шарл Мишел

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска, утре и задутре ќе престојуваат во работна посета на Брисел.
В четврток премиерот Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска ќе имаат средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
По средбата следува заедничка прес-конференција на премиерот Ковачевски и генералниот секретар на НАТО Столтенберг.
Работната посета на Брисел потоа продолжува со низа средби во институциите на ЕУ.
Претседателот на Владата, Ковачевски, ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, по што работниот дел од првиот ден од посетата на Брисел ќе заврши со претседателката на Европскиот парламент Роберта Метсола, на која покрај премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
В петок премиерот Ковачевски ќе има средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на која ќе присуствуваат и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На маргините на дводневната работна посета на Брисел претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, ќе оствари и повеќе други средби со претставници на различни институции на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Началник бара Итната помош на носилка да однесе директорка на информативен разговор во станица

На социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште и вербална расправија меѓу него и синот на жената.
Началникот се слуша прво како вели дека е дојден да изврши претрес во домот на директорката, а после кажува дека таа треба да се јави на информативен разговор во полициска станица.
Во дворот на куќата е и екипа на Брзата помош, која му кажува на началникот дека жената има висок крвен притисок, а тој предлага на носилка да ја однесат во станица на информативен разговор по извршениот претрес.
На видеото се слуша како синот вика „Една мајка имам“, а на местото на настанот е и адвокатот на жената. Синот му објаснува на началникот дека кога ќе и заврши боледувањето на мајка му ќе дојде во полициска станица, но началникот инсиситира дека тоа мора да биде во моментот.
Во врска со видеото, од Обвинителството соопштија дека Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај.
„Поради сомненија за кривично дело – Фалсификување и уништување деловни книги, Министерството за внатрешни работи – ОВР Демир Хисар од Основното јавно обвинителство Битола побара издавање Наредба за претреси на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавено лице. Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети се уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, се наведува во соопштението.
Македонија
Се очекува Гаши денеска да ги распише изборите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се очекува да ги распише локалните избори, иако се уште нема официјална потврда.
Ова ќе бидат осми локални избори по ред од независноста на државата.
Утрешниот ден всушност е и последниот рок за распишување на изборите кои, според најавите треба да се одржат на 19 октомври, а доколку има втор круг за градоначалници гласањето ќе биде на 2 ноември.
На локалните избори, граѓаните ќе бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9 милиони и 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Македонија
ВЛЕН го прашува Бујар Османи зошто нема документација за потрошени 120 милиони денари од буџетот на МНР

ВЛЕН го повикува Бујар Османи јавно да одговори зошто нема никаква документација за потрошени над 120 милиони денари од буџетот на Министерството за надворешни работи и зошто нема податоци што е направено за толку огромна сума пари?
„Зошто не постои отчет за овие средства, ниту трага од тоа што останало по завршувањето на самитот на ОБСЕ? Овие прашања се за пари на сите граѓани, за пари кои требало да се користат за училишта, подобро здравство, за водоводи и патишта, а завршиле без траг, документ и доказ во непознат правец. Државниот завод за ревизија јасно утврди дека во време на Бујар Османи, МНР ги потрошило овие пари без да се знае за што, без покритие, без документи и без видлив резултат“, велат од ВЛЕН.
Од таму велат дека очекуваат од Јавното обвинителство и надлежните инстутиции веднаш да постапат и да утврдат одговорност.
„Бујар Османи во својот живот не направил ништо за Општина Чаир, ниту еден проект, ниту едно подобрување за граѓаните, ниту кренал телефон за да помогне. Но, очигледно знаел многу да направи само за себе, користејќи го буџетот на државата за сомнителни трошоци без трага, документ и доказ. Само во овој случај во вредност од над 120 милиони денари. Чаир не заслужува политичар кој бега од одговори и кој зад себе остава само сомнежи и скандали. Чаир заслужува чесно и одговорно раководство“, велат од ВЛЕН.