Македонија
Сергеј Станишев на средба со Ковачевски: Владите на СДСМ обезбедуваат напредок за Северна Македонија

Претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски денеска се сретна со европратеникот Сергеј Станишев, претседател на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) и поранешен бугарски премиер.
Како што информираат од СДСМ, на средбата била пренесена поддршката од ПЕС за енергијата која е внесена во дијалогот со Бугарија.
„Внесуваме нова, поинтензивна динамика заедно со премиерот на Бугарија, Петков. Низ работните групи, но пред сè со позитивната волја на двете страни посветени сме на изнаоѓање решенија. Верувам дека ова ќе го забрза застојот од изминатиот период и ќе придонесе за позитивна клима за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија“, истакнал Ковачевски на средбата.
Според Станишев, владите на СДСМ со потпишување на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство со Бугарија ја промениле целата клима на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
„Новото раководство во Северна Македонија и Бугарија е шанса за нова перспектива. Тоа го покажаа двете посети на премиерот само неколку дена по стапувањето на функцијата на кабинетите. Треба да се поддржат нивната добра волја и напори за изнаоѓање решение. Фокусот на заедничките интереси – за мир и безбедност во регионот, за инфраструктурно поврзување и инвестиции – ни овозможува да гледаме не само на историските прашања, туку и на иднината. Овој пристап ќе има поддршка од ПЕС бидејќи проширувањето на ЕУ нема да биде целосно додека Западен Балкан не е дел од Европската Унија“, рекол Станишев, кој од името на ПЕС се заблагодарил и на поранешниот премиер Зоран Заев и на неговиот тим за нивното лидерство преку кое како, што посочил, бил обезбеден историски напредок за Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.