Свет
Нема да ја ангажираме војската против протестот на камионџиите, вели канадскиот премиер Трудо

Канадската влада нема намера да испрати војска за да ja реши ситуацијата со протестот на камионџиите во Отава кои протестираат против одлуката за задолжителна вакцинација, изјави канадскиот премиер, Џастин Трудо.
„Тоа не е нешто што го разгледуваме во моментот. Не се зборува за испраќање војска“, им рече Трудо на новинарите, додавајќи дека треба да се внимава пред да се користи војската во ситуации во кои се вклучени Канаѓани.
Повеќе од 200 камиони и други возила ги блокираа патиштата, со што беше запрен сообраќајот во центарот на канадската престолнина од минатиот петок, во протест каков што досега е невиден во земјата. Организаторите најавуваат слични протести оваа недела и во други градови, како Торонто.
Шефот на полицијата во Отава, кој се соочува со критики за пасивниот одговор на полицајците во однос на протестот, во средата рече дека употребата на војската може да се земе предвид, но Трудо ја отфрли опцијата.
Некои демонстранти бараат укинување на задолжителната вакцинација за возачите на камиони кои патуваат преку меѓународните граници, додека други бараат смена на премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски бара акција откако Москва изврши над 4.000 напади за една недела врз Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја повика меѓународната заедница да преземе акција, по една недела во која биле извршени повеќе од 4.000 руски воздушни напади.
„Москва си дозволува да ги ескалира своите напади, отворено искористувајќи го фактот што светот е фокусиран на обезбедување мир на Блискиот Исток“, напиша Зеленски на социјалната платформа Икс.
„Токму затоа не смее да се дозволи никакво слабеење на притисокот. Санкциите, царините и заедничките акции против купувачите на руска нафта – оние кои ја финансираат оваа војна – мора да останат на масата“, рече тој.
Според него, овој пристап може да го отвори патот кон траен мир за Европа.
„Светот може да го гарантира ова паралелно со мировниот процес на Блискиот Исток“, додаде украинскиот претседател.
Украина долго време повикува на санкции, вклучително и против Кина и Индија, кои се меѓу најважните купувачи на руска нафта.
Русија го интензивираше својот „воздушен терор против нашите градови и заедници, засилувајќи ги нападите врз нашата енергетска инфраструктура“, вели Зеленски. Тој рече дека само во изминатата недела Русија употребила повеќе од 3.100 беспилотни летала, 92 проектили и околу 1.360 едрилички бомби против Украина.
„Вчера во Костјантинивка, дете беше убиено во црква од воздушна бомба“, напиша Зеленски. Властите пријавија вкупно четири жртви во регионот Доњецк, вклучувајќи две во Костјантинивка, и две во регионот Керсон.
Според видеото објавено на интернет од Зеленски, кое прикажува пожари и уништување, Русија цела недела ги покривала со терор регионите Суми, Харков и Доњецк.
Украина сè уште ги бара дополнителните системи за противвоздушна одбрана ветени од сојузниците. „Ни треба силна поддршка од нашите партнери“, се наведува во видео апелот.
Свет
Израел е подготвен за итно ослободување на заложниците, вели Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека „Израел е подготвен за итно примање на сите наши заложници“, според соопштение од Канцеларијата на премиерот, откако беа објавени информации дека ослободувањето на заложниците од Газа може да се случи уште вечерва.
Во меѓувреме, израелски функционер за јавниот радиодифузен сервис Кан изјави дека армијата очекува заложниците да се вратат во Израел до моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп ќе пристигне во Израел утре во 9:20 часот наутро.
– ИДФ ги заврши подготовките за ослободување на заложниците и проценува дека сите ќе бидат ослободени пред пристигнувањето на Трамп, изјави изворот.
Медиумите на хебрејски јазик, повикувајќи се на неименувани израелски претставници, јавија дека Ерусалим добил индикации дека Хамас сака да го забрза ослободувањето на заложниците во Газа за вечерва, јави Тајмс оф Израел.
Свет
Папата Лав дели дека договорот за примирје во Газа даде искра на надеж во Светата земја

Папата Лав Четиринаесетти изјави дека договорот за примирје во Појасот Газа „даде искра на надеж во Светата земја“.
Тој ова го кажа во обраќање за време на неговата неделна молитва пред десетици илјади верници собрани на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
– Ги охрабрувам сите вклучени страни храбро да продолжат по патот што го избраа, кон праведен и траен мир што ќе ги почитува легитимните аспирации на израелскиот и палестинскиот народ, изјави поглаварот на 1,4 милијарди католици во светот.
Агенцијата за цивилна заштита на Газа, која е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500.000 лица се вратиле во градот Газа откако првата фаза на прекинот на огнот стапи во сила претходниот ден.
– Повеќе од половина милион лица се вратиле во Газа (Сити) од вчера, изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната одбрана, службата за спасување која работи под надлежност на Хамас.
На снимки објавени од светските медиуми се гледаат Палестинци кои се враќаат во градот Газа, многумина од нив веејќи палестински и египетски знамиња.