Свет
Исланд планира да го забрани ловот на китови

Во рок од две години Исланд може да го забрани ловењето китови, пишува Би-би-си.
Министерката за рибарство Свандис Сваварсдотир рече дека веќе нема оправдувања за оваа практика. Северноевропската земја, остров во северниот дел на Атлантикот, е едно од ретките места во светот каде е дозволен ловот на китови.
Но, побарувачката за месо од овие цицачи драстично опадна откако Јапонија, главниот пазар на Исланд, продолжи со комерцијалното ловење на китови во 2019 година.
Исландската министерка за рибарство вели дека ловењето китови повеќе не е профитабилно.
„Зошто Исланд да ризикува да продолжи со ловот на китови, кој не носи никаква економска добивка, за да продаде производ за кој едвај постои побарувачка?“, рече Сваварсдотир.
Министерката, која е член на Левото зелено движење, рече дека фактот што само еден кит е убиен во последните три години покажува дека оваа практика има мала економска корист за земјата. Додаде и дека ова ќе биде клучен фактор во одлучувањето дали да се продолжи со ловење китови по 2023 година.
Кога Јапонија го продолжи комерцијалното ловење на китови во 2019 година, по тридецениска пауза, тоа предизвика значителен пад на побарувачката за извоз на исландски китови, што го направи ловот помалку профитабилен.
Сваварсдотир, исто така, рече дека ловењето на китови во Исланд може да има негативно влијание врз економијата, на пример, американскиот синџир Whole Foods престанал да продава исландски производи кога се обновил ловот на китови во 2006 година.
Веста ја поздравија активистите кои со години бараат да се прекине ловењето на китови во Исланд. Во моментот, Исланд, Норвешка и Јапонија се единствените земји кои дозволуваат комерцијален лов на китови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Жена на 76 години за првпат стана мајка – чудо што го изненади целиот свет

Ембајте Медин Хагос од Мекеле (Етиопија) стана мајка за првпат на 76-годишна возраст. Таа роди здраво машко бебе. Нејзината приказна одекна низ целиот свет, а многумина ја опишуваат како вистинско чудо.
Ембајте Медин стана мајка преку ин витро фертилизација, која ја извршиле лекари во Индија пред една година. Таа се породи во болница во Мекеле.
„Воопшто не верував кога ми кажаа дека сум бремена “, изјави таа за телевизијата Dimtse Woyane, која објави и снимки од прославата и крштевката на бебето.
Семејството, како и пошироката јавност, реагирале на веста со неверица и емоции.
На социјалните мрежи има безброј коментари, а некои корисници го нарекоа настанот чудо, особено во земја која сè уште се бори со последиците од војната и политичката нестабилност.
Свет
Вулканска ерупција на Камчатка за првпат по 500 години

Вулкан на рускиот далечен исток еруптираше за прв пат по повеќе од 500 години.
Вулканот Крашенјиников на Камчатка синоќа исфрлаше пепел до шест километри.
Нема закани за населените подрачја, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации.
Последната регистрирана ерупција на Крашениников била во 15 век, според раководителот на тимот за одговор на вулкански ерупции на Камчатка.
Според експертите, синоќешната ерупција би можела да биде поврзана со силниот земјотрес изминатата недела. Предупредуваат дека се можни силни последователни потреси во следните недели.
Полуостровот Камчатка е оддалечен, но се наоѓа во „Тихоокеанскиот огнен прстен“ – така наречен поради големиот број земјотреси и вулкански ерупции.
Свет
(Фото+видео) Масовен протест за Газа во Сиднеј: демонстрантите носеа тенџериња и тави како симболи на глад

Денеска во Сиднеј се одржа пропалестински протест, на кој учествуваа десетици илјади луѓе, повикувајќи на мир и доставување помош до воено разурнатиот Појас Газа, јавува Ројтерс.
Некои од учесниците на протестната прошетка, која организаторите ја нарекоа „Марш за хуманост“, носеа тенџериња и тави како симболи на глад. Според „9 News Australia“, бројот на демонстранти далеку ги надмина очекувањата на организаторите – дури 90.000 луѓе.
Avustralya’nın Sydney kentinde binlerce kişi İsrail’in Filistin’e yönelik saldırılarını protesto etmek için bir araya geldi.
— Haber HUN (@haberHUN) August 3, 2025
Меѓу учесниците на протестот беа постари лица и семејства со мали деца, како и основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, а некои мавтаа со палестински знамиња и скандираа „сите сме Палестинци“.
Во Појасот Газа, во тек е војна меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас, која започна во октомври 2023. Оттогаш, според палестински извори, повеќе од 60.000 луѓе се убиени во Газа, а хуманитарните организации велат дека недостигот од храна води до широко распространето гладување.