Македонија
(Видео) Тренчевска : Со проширување на капацитетот, градинката „Детска радост“ ќе згрижи 157 деца
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Струмица,Костадин Костадинов, денеска ја посетија детската градинка „Детска Радост“, од оваа општина, која што го прошири капацитетот за дополнителни 57 деца, со доизградба на нов дел поврзан со постојниот објект.
„Навистина ми претставува задоволство што денеска можам да најавам дека првата и најстара градинка во Струмица „Детска Радост“, објектот 2 го проширува капацитетот за прием на нови 57 деца. Со тоа, оваа градинка, досегашниот капацитет од 100 деца го зголемува на 157,“ рече министерката Тренчевска.
Таа рече дека за изведувањето на градежните работи и опремување на градинката, Министерството од Буџетот има обезбедено средства во износ од 17 милиони денари како дел од Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2020 година. Со доградбата, градинката добива 4 нови простории, од кои две (2) јаслени занимални и две (2) занимални во кои ќе бидат сместени деца од 2-4 години.
Министерката Тренчевска информираше и дека во Општина Струмица во завршна фаза е и изградбата на нова детска градинка со капацитет за 307 деца која се гради согласно Проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка на Светска Банка. Како и дека двете градинки заедно значително ќе го зголемат опфатот на нови деца. Тоа се над 360 деца на кои им се овозможува квалитетно предучилишно воспитание и образование.
Според градоначалникот на Општина Струмица, Костадинов континуираните ангажмани за проширување на капацитетите на постојните градинки, како и изградбата на новите градинки, значат премногу за општина Струмица и нејзините граѓани.
Тој изрази благодарност до Министерството за труд и социјална политика и министерката Тренчевска за заложбата и реализација на новиот објект-детска градинка и уверување дека, активностите ќе продолжат и во иднина, затоа што најмладите струмичани се врвен приоритет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агенцијата за храна повлекува од пазарот во Македонија контаминирана формула за доенчиња: „Ако сте купиле, не ја употребувајте“
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на вчерашниот ден спроведоа вонредна инспекциска контрола кај оператор со храна увозник на почетна формула за доенчиња, последователна формула за доенчиња и диететска храна за посебни медицински намени, за кои АХВ вчера, како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија доби известување за пласиран небезбеден производ на македионскиот пазар.
Станува збор за производот APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња со потекло од Ирска кај кој е утврдено присуство на Цереулид (cereulide), а како извор на контаминацијата, во нотификацијата наведено е маслото ARA.
Со контролатата утврдено е дека целокупнатата увезена количина е дистрибуирана на пазарот во Македонија, односно, производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ја известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот.
„Апелираме до потрошувачите кои го имаат купено производот со наведениот лот и рок на употреба истиот да не го употребуваат, или да го вратат на местото каде што го купиле“, велат од АХВ.
Во однос на повлекувањето на неколку брендови формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во повеќе европски земји, АХВ проверува дали тие се увезени во земјава, иако засега за нив нема добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија.
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата“, додава АХВ.
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.

