Македонија
Град Скопје поднесе кривична пријава за Шилегов и Јанчева поради предновогодишна забава
Град Скопје, согласно одредбите од Законот за кривичната постапка, денес поднесе кривична пријава против Љубица Јанчева, поранешен претседател на Советот на Град Скопје, и Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Град Скопје.
Станува збор за кривична пријава поради сомневање дека сториле кривично делозлоупотреба на службената положба и овластување.
„Љубица Јанчева во својство на претседател на Советот на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба, од средства од буџетот на Град Скопје искористила средства за прослава во ресторан во Скопје, спротивно на законските прописи за извршени набавки на стоки и услуги и спротивно на Законот за јавни набавки, додека Петре Шилегов како градоначалник на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, а со пречекорување на границите на своето службено овластување без да постои склучен договор, спротивно на Законот за јавни набавки, дозволил да се искористат и исплатат средства од буџетот на Град Скопје, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист и нанеле штета на буџетот на Град Скопје. Имено, Љубица Јанчева во својство на претседател на Советот на Град организирала предновогодишна забава во ресторан во Скопје и за тоа своерачно потпишала и посебен интерен образец со кој потврдува дека ги искористила наведените средства и во прилог кон истиот доставила фактура, со што ги потврдува издатоците за реализирани средства за репрезентација“, информираше на денешната прес-конференција Данијел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.
За незаконитостите алармирал и Секторот за финансиски прашања при Град Скопје кој во Службена белешка укажал дека се работи за услуги спротивно на законот, каде е наведено дека доставената фактура се однесува за извршени услуги за кои Градот со предметниот правен субјект нема склучен договор со постапка за јавна набавка во 2019 година. И покрај тоа што било укажано од надлежните служби дека се работи за извршени услуги за кои нема склучен договор за јавна набавка, Петре Шилегов како градоначалник на Град Скопје во тој период, го игнорирал ваквото укажување и свесно дозволил на незаконски начин да се искористат средствата од буџетот на Град Скопје, кои се средства на граѓаните.
„Во конкретниов случај, станува збор за произволно, незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните од страна на Шилегов и Јанчева, кои за свои потреби, а спротивно на закон, искористиле средства од буџетот на Град Скопје, ни помалку ни повеќе за организирање предновогодишна забава во кафеана. Особено укажуваме дека Градот Скопје во наведениот период за 2019 година, веќе имал спроведено постапка и доделено договор за јавна набавка на други правни субјекти за угостителски услуги, во кои не спаѓа правниот субјект каде се правеле забави на сметка на граѓаните. Оттука, јасно произлегува дека Петре Шилегов и Љубица Јанчева искористиле средства од буџетот на Град Скопје надвор од законски пропишаната процедура, на кој начин го оштетиле буџетот на Градот Скопје“, додаде Апостолоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

